Белград
Граѓанскиот протест „Еден од пет милиони“ на кој протестираат илјадници граѓани на Србија против политиките на владејачките политики на Александар Вучиќ, продолжи и минатиот викенд во Белград. Во саботата навечер демонстрантите од платото пред Филозофскиот факултет, тргнаа во протестна прошетка, по која ги блокираа влезовите во зградата на Радио-телевизија на Србија, а поголем број демонстранти, предводени од лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, влегоа во просториите на јавниот сервис. За време на вториот Дневник на РТС, беше прикажан прилог од протестите, но не и за тоа што се случува во зградата на телевизијата. Дел од демонстрантите бараа да се обратат во вечерниот дневник.
Во текот на вчерашниот ден демонстрантите се собраа пред Претседателството на Србија, по што пристигнале и околу 15-на припадници на жандармеријата, кои не им дозволувале да се приближат. Додека демонстрантите протестираа, претседателот на Србија имаше обраќање по повод упадот во РТС, истакнувајќи дека нема да дозволи насилство.
Ова е петнаесеттиот протест на „Еден во пет милиони“, на граѓаните на Србија против Вучиќ, што се одржува со месеци.
Подгорица
Во Подгорица во сабота навечер се одржа петтиот граѓански протест од кој беше порачано дека власта ја приватизирала државата и повторно беа побарани оставки од највисоките функционери.
Протестите минале без инциденти, а организаторите ги повикаа граѓаните мирно да се разотидат и закажаа повторен собир на 23-ти март.
На почетокот на протестот, организаторите апелираа до демонстрантите да протестираат мирно и достоинствено, да не наседнуваат на провокации и порачаа дека протестните маршеви се маратон со кој ќе се постигне целта.
Тирана
Во Тирана во сабота опозициските партии на Албанија одржаа антивладин протест, пропратен со тензии и судири помеѓу демонстантите и полицијата.
Илјадници демонстранти собрани од цела Албанија протестираа пред седиштето на Кабинетот на премиерот, и потоа пред Собранието на Република Албанија. Протестот беше организиран од страна на Демократската партија на Албанија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), со барање да се формира преодна влада и да се одржат предвремени избори.
Врз демонстрантите коишто се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, полицијата интервенираше со солзавец. На протестите беа повредени неколку демонстранти и полицајци.
Д. Т.