Изборниот молк во земјата се крши како да не постои законска забрана за политички активности на партиите и кандидатите. Тоа е првата констатација од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ на почетокот на првата онлајн прес конференција што се одржа во 11 часот денеска.
„Кршење на изборниот молк низ целата земја. Досега се обработени извештаи за кршење на изборниот молк во Шуто Оризари, Центар, Демир Капија, Куманово, Кичево, Брвеница, Струга и Боговиње“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на пресот.
ЦИВИЛ ја сподели и информацијата дека до нив пристигнале пријави со наводи за изборен поткуп во Шуто Оризари и Демир Капија, но тие извештаи не се верификувани од неутрален извор или од набљудувачите на ЦИВИЛ.
Понатаму, организацијата соопшти и дека набљудувачите пријавиле различни форми на притисок и во Кочани, Струга и Крушево во саботата, за време на изборниот молк. Тие извештаи ќе бидат дополнително верификувани и ќе бидат дел од сеопфатниот извештај од изборниот мониторинг.
Според аналитичкиот тим на ЦИВИЛ, општините Шуто Оризари и Брвеница беа во фокусот на новинските извештаи во саботата. Еден дел од медиумите ги замаглија лицата и логоата, во обид да ги следат принципите на известување за време на изборниот молк. Сепак, еден дел од медиумите ги презентираа тие настани во целост, па и во живо, што може да претставува ненамерно (или намерно) мултиплицирање на пропагандните наративи односно на кршењето на изборниот молк.
Долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ пријавија и националистички испади на фудбалскиот меч што се одржа во саботата во Прилеп. Иако тоа нема директен изборен контекст, вакви инциденти придонесуваат кон создавање негативна атмосфера во пресрет на изборниот ден.
За разлика од изборниот ден на првиот круг од локалните избори, денешниот ден започна со позитивна интеракција меѓу избирачките одбори и набљудувачите на ЦИВИЛ.
На ИМ 2614/1, во ОУ „Братство“, во Карпош, по прашање на набљудувачот на ЦИВИЛ зошто членовите на ИО немаат беџови, тие пријавиле во ОИК по што веднаш им биле донесени нови. По ова, истото се случило и во другите избирачки места во тоа училиште.
Во избирачко место во Дом на АРМ во скопски Центар, членовите на избирачкиот одбор се пожалиле кај набљудувачот на ЦИВИЛ дека им е студено и го замолиле тоа да биде објавено. Претставниците на ЦИВИЛ на пресот упатија апел до изборната администрација да се погрижат да обезбедат греење за сите избирачки места.
На пресот беше разгледан и извештајот според кој во населбата Ченто, општина Гази Баба, два штаба на една политичка партија се отворени. Од ЦИВИЛ појаснија дека отворањето на изборните штабови не е забрането, сѐ додека во нив не се врши отворено агитирање или други незаконски дејствија, како што се притисоци, евидентирање гласачи или изборен поткуп.











