Премиерот на Република Македонија денес имаше обраќање пред Европскиот парламент. Ова е прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик пред Европскиот парламент.
Заев меѓу другото посочи дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање на други билатерални спорови, и дека сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на наоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ.
Денеска во Република Македонија во работна посета за поддршка на референдумот за Договорот од Преспа ќе прстојуваат Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел. Целта на посетата е да се разговара за „иднината на односите и перспективата на интеграцијата во ЕУ за земјата. Могерини ќе се сретне со претседателот на Р. М. Ѓорѓе Иванов и со претседателот на ВМРО -ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а со премиерот Заев ќе ја посетат старата чаршија во Скопје. Американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања Мичел ќе има средби со премиерот Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември.
Во Скопје денеска ќе престојува во работна посета и Министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати во рамки на која ќе се сретне со неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Бушати ќе има средби и со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.
Апелацискиот суд Скопје се уште нема донесено одлука по жалбата на првостепената пресуда за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“, а денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, за незаконското следење на комуникациите, е одложено за 8 октомври.
ЦИВИЛ – Центар за слобода организира јавен настан на тема „Патриотизам – ДА, национализам – НЕ!“ во хотел Сити Парк, петок, 14 септември, со почеток во 12 часот.
Настанот е дел од проектот „Патриотизам – ДА, национализам – НЕ!“, којшто има за цел да придонесе кон намалување на деструктивните последици од национализмот и екстремизмот во општеството и да ја објасни разликата меѓу патриотизмот и национализмот. Понатаму, проектот ги прикажува придобивките од јакнењето на соживотот, подобрување на односите со соседите и кон забрзување на евро-атлантските интегративни процеси на Македонија.
На јавниот настан јавно ќе бидат презентирани и резултатите од проектот, наодите, анализите и препораките кои се базираат на интервјуата и анкетите што ги спроведе ЦИВИЛ.