Исчезна зборот „метла“ кој до денеска се употребуваше за кадровски промени во извршната власт, како резултат на незадоволството на граѓаните искажан на последните претседателски избори. Најпрвин, против овој израз излезе раководството на ДУИ и самиот претседател на оваа партија, Али Ахмети, бранејќи ги функционерите на оваа партија и опишувајќи ги како професионалци. А од денеска изразот „метла“ веќе исчезна и од речникот на премиерот Зоран Заев, кој прв го употреби.
Оваа промена дојде пред средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, втор партнер во владината коалиција. „Ќе се видиме со господинот Ахмети за промените во Владата, заради тоа што се работи за луѓе професионалци за кои што зборуваме. Иако симболиката дојде од зборот кој што го употребивте, сепак се работи за кадровски промени во извршната власт“, изјави Заев пред вчерашната средба.
Средбата траеше еден час, без инсерти и без изјави. Од владата се изјаснија само преку соопштение, а истакнаа дека не станал збор за конкретни имиња туку само за концепти. „Процесот на евентуални кадровски промени е отворен. На средбата е договорено дека ќе следуваат консултации во двете политички партии на чие чело се двајцата лидери, по што разговорите ќе продолжат“, се вели во соопштението од владата.
Во соопштението се додава дека целта на овие иницијативи е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување на подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните. Метла, повеќе нема.
Арбен Зеќири