Различните оценки за нападите на САД, Велика Британија и Франција врз Сирија не претставуваат разидување меѓу Русија и Турција и нема да ги наруши плановите за натамошна соработка меѓу Москва и Анкара, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Нападите не ги разделија Русија и Турција, нагласи Песков, коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека поради нападите дошло „до разидување меѓу Анкара и Москва“,
Песков потенцира дека не е тајна оти по многу прашања позициите на Москва и Анкара се различни, но дека тоа не им пречи да продолжат да разменат ставови по разни теми и да разговараат за разликите кои ги имаат по одредени прашања.
– Она што е најважно е дека тоа во никој случај не влијае врз понатамошните планови за развој на соработката и интеракцијата во реализацијата на големите економски и други проекти, рече Песков.
Претходно, турскиот вицепремиер Бекир Боздаг, коментирајќи ја оценката на Макрон рече дека Турција не е на ничија страна кога е во прашање Сирија.
– Турската политика кон Сирија не е да биде со некого или да биде против некого. Нашата политика е јасна, Ние сме на страната на правдата и на тоа што е исправно, порача Боздаг.
Тој нагласи дека Турција е против поддршката што некои земји, како Русија, и ја даваат на „режимот во Сирија“, но и против поддршката што САД и другите западни земји им ја пружаат на „терористичките организации“, како што се Силите за заштита на народот на Сириските Курди.
Извор: МИА