Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) ќе одржи денеска трибина посветена на дијалогот меѓу Косово и Србија, на која се поканети парламентрните партии на косовските Албанци, јави дописникот на МИА од Приштина.
Партиската трибина, која ќе се одржи во Собранието на Косово, првично беше предвидена за во понеделникот, но се одложи поради погребот на Хилми Харадинај, таткото на косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
ПСД на приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети, која стана четврта најбројна партија во косовоското Собрание откако кон неа преминаа десетина пратеници од Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти, ја свика четвртата партиска трибина на оваа тема. Пред ПСД, трибини организираа и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Демократската партија на Косово (ПДК) и ВВ.
Главна тема на овие трибини е мжноста за постигнување национален консензус за дијалогот со Белград, но на нив се расправа и за други прашања, како што е трансформацијата на Безбедносните сили во војска на Косово и формирањето на Заедницата на општините со мнозинско српско население. (МИА)