ЦИВИЛ Медиа на својата Фејсбук страница го постави ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: На што се должи молкот на македонските политичари за ситуацијата меѓу САД-Украина-ЕУ-Русија
Во услови на зголемени геополитички тензии и сложена ситуација на релацијата САД-Украина-ЕУ-Русија, македонските политичари остануваат тивки, без официјални ставови или коментари. Ова молчење предизвикува реакции кај граѓаните, кои на социјалните мрежи активно дебатираат за причините зад ваквиот став. Анализирајќи дел од најчестите одговори на граѓаните, можеме да издвоиме неколку главни објаснувања за овој феномен.
Други сметаат дека Македонија нема доволно геополитичка важност за да биде фактор во вакви големи прашања. „Мудро си молчат затоа што знаат дека сме ‘задње дупче на свирче’“, гласи еден од коментарите.
Некои граѓани сметаат дека политичарите свесно чекаат да видат како ќе се развие ситуацијата пред да заземат страна. „Чекаат да го видат епилогот од сиот овој галиматијас и на крајот ќе ја одберат страната, нормално тоа ќе биде таа страна што ќе победи“, гласи еден од коментарите.
Некои граѓани сметаат дека македонските политичари не можат да се занимаваат со надворешна политика кога внатрешно имаат доволно предизвици. „Тие дома не можат да решат, уште надворешната политика ќе ја решат“, коментира друг граѓанин. Ова укажува на недоверба во капацитетите на политичарите да се носат со сложени меѓународни прашања.
Некои граѓани сметаат дека не е целата држава во молк, туку одредени политички структури. „Грешка. Македонија не молчи. Молчи владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ“, тврди еден граѓанин.
Македонските политичари веројатно имаат различни мотиви за молкот – од стратешка одлука, преку страв од грешки, па сè до недостаток на геополитичка тежина. Граѓаните, пак, го анализираат ова молчење преку призмата на сопствените ставови и искуства, создавајќи дебата која го рефлектира поширокиот политички пејзаж во Македонија.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦИВИЛ Медиа.
А.М.