Нападот кој се случи во џамијата Ал Нур во Нов Зеланд, во градот Крајстчерч, каде екстремист уби 49 луѓе додека се молеле, најмногу реакции предизвикаа кај граѓаните за тоа како медиумите известуваат за овој случај.
Некои од медиумите во државава, во насловите имаа напишано дека дошло до пресметка во две џамии и на тоа граѓаните реагираа и беа разочарани зошто овој случај не се нарекува тероризам, туку обична престрелка.
Мерсиха Смаиловиќ, активистка за човекови права, на својот Фејсбук профил, апелираше медиумите во Македонија да користат вистински термини за масакрот.
„Јас Мерсиха Смаиловиќ, апелирам до медиумите во Македонија да користат вистински термини за масакров кој е класичен акт на тероризам! Доколку продолжат да бидат неписмени, ќе ги описменам со соодветни приговори, забелешки, жалби, тужби до надлежните органи и агенции. Користењето на погрешни термини всушност е поддршка на злосторствата од омраза и тероризмот и поттикнување на вакви злосторства! Стоп за говорот на омраза во македонските медиуми!!!“, напиша Смаиловиќ.
Марина Тунева, извршен директор на СЕММ, на својот Фејсбук профил напиша:
„Колеги новинари, колеги од медиумите. Многу ќе направите со еден мал гест: отстранете ги снимките од терористичкиот чин во Нов Зеланд. Нема оправдување да се отстапи простор за прикажување на монструозните дела против човештвото, на тие што стојат зад нив и на пораката што ја упатуваат. Омразата не заслужува никаков простор и компромис.
За потсетување, од Кодексот на новинари:
(член 7) Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.
(член 8) Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, додаде Тунева.
Од друга страна пак, некои од политичарите на македонската политичка сцена изразија жалење за овој трагичен настан, па така премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук изрази длабока жалост и огорченост за загубените животи.
„Во писмото до Н.Е. г-ѓа Џасинда Ардерн, премиерка на Нов Зеланд, во мое име, во името на Владата на Република Северна Македонија и во името на сите наши граѓани, упатив изрази на жалење и длабоко сочувство за загубените животи, како и желби за брзо закрепнување на повредените лица.
Во овие тешки мигови за Нов Зеланд и за целиот свет ужаснат од овој настан, најостро го осудуваме овој терористичкиот напад и ја изразуваме нашата целосна солидарност со пријателскиот народ на Нов Зеланд.
Овој грозоморен чин нè зацврстува во уверувањето дека меѓународната заедница мора да биде единствена и решителна во борбата против сите форми на тероризам и насилен екстремизам“, напиша Заев.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров на својот Твитер профил напиша:
„Јас сум шокиран што дознав за болниот терористички напад врз џамијата во #Kрајстчрч. Ние стоиме заедно со луѓето од Нов Зеланд против насилството и омразата. Нашето најдлабоко сочувство“.
Поддршка и жалење пристигнаа и од Федерика Могерини и Јенс Столтенберг.
Шефицата на евопската дипломатија, Федерика Могерини исто така ги осуди овие терористички напади во Нов Зеленд и испрати сочувство и им понуди поддршка на луѓето, во име на ЕУ.
„ЕУ изразува искрено сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на двата терористички напада што се случија денеска во Крајастчрч, Нов Зеланд. Целосно сме обединети со граѓаните и властите на Нов Зеланд во ова исклучително тешко време и ние сме подготвени да ги поддржиме на кој било начин, вклучувајќи и зајакнување на нашата соработка во борбата против тероризмот“, рече Могерини.
Осуди за нападите доаѓаат и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој на Твитер порача дека НАТО стои зад пријателите и партнерите од Нов Зеланд во одбраната на отвореното општество и заштитата на заедничките вредности.
Нападот се случи во џамијата Ал Нур во Нов Зеланд, во градот Крајстчерч, а во нив пукал екстремистoт Брентон Тарант (28) од Графтон во Австралија, а тој целиот масакар го пренесувал во живо на Фејсбук, а подоцна истото видео го објавил и на Инстаграм.
Ангела Петровска