Во Охрид денеска ќе биде отворена Регионална летна школа за безбедност на тема „Идентитет, миграција и новата безбедносна агенда на Европската унија“, во организација на Факултетот за безбедност Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Вилфред Мартенс центарот за европски студии и Центарот за истражување и креирање политики, на која ќе учествуваат професори и студенти од Македонија, Грција, Бугарија и Србија.
Повеќедневната школа покрај теориско-практичниот дел ќе има и показна симулативна вежба за прифат на мигранти што ја организираат Црвениот крст на Република Македонија и МВР.
Регионалната школа за безбедност ќе понуди предлози за размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу професорите, студентите и практичарите од Македонија, Грција и Бугарија, земји од регионот опфатени со миграциската криза. Воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка, координација и спроведување на безбедносна политика и стратешките насоки за миграцијата, како и безбедносната политика на Европската унија и политиката за мигранти.
– Кризата со мигрантите откри недостаток на координација и комуникација меѓу соседните земји, бавни понекогаш и неефикасни политики, како и одговор од страна на Европската унија. Ова доведе до потреба од Регионалната школа за безбедност преку која ќе се подобри соработката, чекор до консултации меѓу земјите по должината на трасата и изградба на прагматична политика и оперативни мерки во Европа и Западен Балкан како понатаму да се справи со бегалците/мигрантската криза, велат организаторите. (МИА)