Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера преку видео-конференциска врска ја оствари првата официјална средба со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на која дискутираа за евроинтеграциите на Северна Македонија и реформите во областа на владеењето на правото и правосудството.
Министерот Маричиќ истакна дека покрај сите премрежија, очекува првата Меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите со ЕУ да се одржи до крајот на 2020 година, а дека тој процес значително ќе влијае на развојот на Северна Македонија и темпото на реформите во сите области. Според министерот, позитивниот Извештај на Европската комисија, претставува силен аргумент и доволна причина зашто земјата треба да ги започне официјално преговорите до крајот на година под германското претседателство.
Министерот информираше дека е започнат инклузивен процес на средби и интензивна комуникација со сите засегнати чинители од правосудството, како Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители, судовите и обвинителствата, како и релевантните комори, се со цел координација и усогласување пред предвидените реформи во правосудството.
Маричиќ истакна дека во претстојниот период ќе се фокусира на реализирање на мандатната мисија и ќе иницира политики за зголемување на професионалните стандарди, одговорноста и транспарентност на судството и обвинителството.
По неговата виртуелна средба, Ерокомесарот за правда Дидие Рејндерс, во пишана изјава за МИА порача дека Северна Македонија треба да продолжи со реформите во судството, посебно во делот на фундаменталните права, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Патот до реформите содржи предизвици посебно со оглед на вонредните околности со пандемијата од Ковид-19. Меѓутоа, витално е властите во Северна Македонија да го задржат нивото на посветеност кон реформите, изјави Рејндерс за МИА.
Според него, земјата покажала засилени напори во реформите за владеење на правото и нагласи дека за ефикасна правна држава е од суштинско значење судството да биде независно, а судските одлуки да се имплементираат.
Еврокомесарот за правда го поздрави Законот за јавно обвинителство.
-Овој закон обезбедува отчетност за злоделата кои произлегуваат од нелегалното прислушкување, меѓутоа дополнителни напори се потребни за да се подобри состојбата со фундаменталните права, имплементацијата на реформите не смее да се забави, изјави еврокомесарот за правда за МИА.