Почитувани мои! Не е никаква тајна дека низ историјата политиката ја злоупотребувала религијата како алат за окупација на мозокот на народните маси. Не е тајна дека политичкиот естаблишмент не би можел да владее а камоли да опстане доколку не бил во спрега со религиските институции кои секојдневно на режимот му давале несебична подршка. Понекогаш владеачкиот систем дури бил прогласуван за света Божја промисла од страна на Црквата или Исламската заедница ширум светот. Денес за тоа најдобар пример се Русија и Египет во кои владее секуларистичкиот систем силно подржуван од религиската догма на тамошните верски институции. Најлошото во таквата подршка е тоа што политиканството го заговара национализмот, кај одредени политички опции, а “светата институција“ безрезервно ја подржува таквата пеколна идеја и геноцидна намера против поинаквите. Но, ајде да видиме каков став кон национализмот, шовинизмот, расизмот и дискриминацијата имаат двете доминантни светски религии т.е. исламот и христијанството но, и тоа како верските “достојници“, осведочени нарцисоиди, влијаеле врз развитокот на национализмот во општеството.
По својата природа и содржајност, исламот и христијанството се интернационални вери, ги почитуваат сите нации и нивните културни врски со останатите и постојат во скоро сите народи на светот. Овие две религии градат широка наднационална заедница и заговараат хуманост, правда и добротворство. Тие карактаристики не се особеност на одредена нација или држава, не познаваат национални или културолошки граници и затоа се обележје на сите нации и нивните татковини.
Исламот осудува било каква интенција за национална или расна надмоќ над послабиот или обесправениот. Куранот е дециден: „О, луѓе, Јас од еден маж и од една жена ве создадов и на народи и племиња ве поделив за да се запознавате. Кај Алах е најугледен тој што најповеќе Го почитува; Тој, навистина, сè знае и ништо не Му е скриено.“ (Куран, Ел-Хуџурат/13)
Библијата не заостанува во осудата на националната или расна надмоќ: „Нема веќе Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса…“ (Послание до Галатјаните/29)
Во една прилика, Билал Ел-Хабеши, црнец од Етиопија којшто пред прифаќањето на исламот бил роб, е навреден од страна на арапски големец и истакнат исламски мисионер Ебу Зер Ел-Гифари, со зборовите: „Сине на црна робинка!“ Погоден од таквата навреда, Билал поитал кај Мухамед, нека е Божјиот мир со него, и му се пожалил а тој го повикал Ебу Зер и му рекол: „Ти си човек во кој се уште тлее незнаењето на незнабоштвото!“ Ова е остра осуда и укор на сметка на сите видови расизам и горделивост со своето потекло. Тоа е став на исламот. Оваа изјава е генијалност и добрина на Мухамед уште пред 1400год. кога нивото на цивилизацијата вооопшто и не постоело. Прекрасно!
Во христијанството пак се говори за случката во која се спомнува дека некои друмски разбојници нападнале еден Евреин и така ранет го оставиле на патот. Поминале двајца еврејски свештеници но, не му помогнале бидејќи не сакале да се извалкаат со неговата крв затоа што во еврејскиот верозакон било запишано дека крвта е нечиста и не е дозволено извршување на верски обреди во облека извалкана со крв. Но, тогаш поминал еден Самарјанин и му помогнал на човекот. Дури и од свој џеп ги платил трошоците за неговото лекување. Исус, нека е Божјиот мир со него, токму овој Самарјанин го нарекол за свој близок и присен. Но, дали знаете во што е поентата со оваа случка? Па еве, ќе ви кажам, во тоа време Евреите и Самарјаните се наоѓале во жесток конфликт и помеѓу двете етнички групи владеела голема нетрпеливост и непријателство. Евреите оделе во крајност и дури забранувале да се збори самарјански!! Сега можете да замислите каков бес и општествен револт предизвикал Исус со оваа негова изјава преполна со толеранција и правдина. Преубаво!
Од наведените примери, а ги има уште многу, јасно се гледа дека религијата препорачува толеранција, сомилост едни кон други и хумана соработка помеѓу луѓето без оглед на расата и националната припадност. Религијата апсолутно го отрфла исклучителниот национализам кој предизвикува нетрпеливост, угнетување, насилство и неправда кон “поинаквиот“ бидејќи таквата будалаштина раѓа чувство на супериорност и тоа ќе резултира со шовинизам, расизам и дискриминација, со сите нејзини облици, а тоа е дефинитивно рецепт за уништување и пропаѓање на заедницата.
Негирањето, газењето на туѓите права и слободи, отфрлувањето на туѓата свест и совест поради идеолошки причини е нешто кое е осудено со догмата на религијата а посебно кога тоа се прави со националистичка позадина. Зошто тогаш ширум светот, а и кај нас на голема жалост, верата се злоупотребува како катапулт на радикализмот во политиката ако религијата ги осудува таквите глупави доживувања? Одговорот е едноставен: среброљубие и самозаљубеност!
Ако прашате некои теолози за оваа теорија, ако станува збор за тенденциозни апологети, какви што гледавме секој ден до пред година и пол, веднаш ќе се дадат во толкување дека овде реченето не е секогаш правило и ќе ни го исперат мозокот со коментари кои се “над нивото на интелигенцијата на обичниот смртник“ а тоа, секако, би се однесувало на нас!
Ако работите беа поинакви, челниците на верските заедници во светот, а и овде кај нас, треба под итно да се тргнат од своите положби и веднаш да се покрене истрага против нивното делување бидејќи со нивната молчеливост потикнуваат на верски судири потикнати од дневно политичка корист. Зарем сте слушнале дека некогаш поглаварите на МПЦ и ИВЗ станале и го осудиле националистичкиот говор на омраза и нетрпеливост на десничарските политички опции од македонскиот и албанскиот политички ескадрон што веќе со децении ни го загорчува животот на сите нас?!
Ајде, чекаме конечно да им проработи свеста и да не ја злоупотребуваат положбата и да му помогнат на народот, како што Бог бара од нив, а не нивните политички полтрони!