„Прашањата меѓу коалиционите партнери во Владата се водат во рамките на партиите и тие не се завршени. Консултации и анализи постојат, но сè уште не сме го отвориле прашањето околу можните кандидати и дали тоа ќе биде концептот на консензуален кандидат. Секако сите опции се отворени за разговор и секако дека ќе избереме најсоодветен начин да можеме да ги обединиме граѓаните околу изборот на кандидат на СДСМ“, изјави Фросина Ташевска Ременски, одговарајќи на новинарско прашање, по нејзиното воведно обраќање на денешната стручна тркалезна маса „Примена на нови технологии во изборните процеси“ во организација на Државната изборна комисија.
Ременски не сакаше да ја коментира изјавата на министерката за правда Рената Дескоска од собраниската говорница, која изјави дека законот за Антикорупциска треба да се изгласа до претседателските и можните предвремени парламентарни избори.
„Претседателските избори се согласно роковите. Предвремени парламентарни избори ги најавува и ги бара лидерот на опозицијата. Секако премиерот го има предвид барањето и секако тоа ќе биде повторно дискутирано низ органите на партијата. Мој личен став е дека е опортуно за секоја политичка партија што води политики и е мнозинство да сака предвремени избори и секако да го зајакне својот мандат и бројноста на парламентарното мнозинство“, рече Ременски потенцирајќи дека сиот овој период не треба да биде одење во празно и водење борба меѓу политичките партии, со оглед на тоа дека не чекаат доста реформски чекори што треба да се исполнат до добивање датум за преговори за влез во ЕУ.
Биљана Јордановска
(текст, камера, монтажа, фотографија)