Последниот Индекс на слобода на медимумите на Репортери без граници ја рангира Северна Македонија на 90 место, односно со напредок од две места од минатата година.
„2020 година беше извонредна година за Северна Македонија. Парламентот беше распуштен, привремената влада ја презеде власта, а потоа предвремените парламентарни избори мораа да бидат одложени поради пандемијата со Ковид-19 и вонредната состојба. Ситуацијата на медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер малтретирањето и вербалните напади врз новинарите се зголемија на социјалните мрежи. Сето ова послужи за зајакнување на добро вкоренетата култура на неказнивост. Во исто време, пандемијата го комплицираше известувањето. Организациите кои ги застапуваат медиумите остро се спротивставија на различните предложени измени и дополнувања на Законот за медиуми кои ќе овозможат државно рекламирање во медиумите. Тие се спротивставија на ова со образложение дека тоа може да го поттикне клиентелизмот. Министерството за правда подготвува нов Кривичен законик според кој новинарите и медиумските работници би биле побезбедни“, се вели во образложението на Репортери без граници за Северна Македонија.
„Индексот годинава, кој ја проценува состојбата со слободата на медиуми во 180 земји, покажува дека новинарството како несомнено најдобрата вакцина против вирусот на дезинформации, е тотално блокирано или сериозно попречено во 73 земји и ограничено во 59 други, кои заедно претставуваат 73% од оценетите земји. Овие земји се класифицирани како „многу лоши“, „лоши“ или „проблематични“ средини за слобода на медиумите и соодветно се идентификуваат во црна, црвена или портокалова боја на мапата на Светската мапа на слободата на медиумите.
Податоците за Индексот покажуваат драматично влошување на пристапот на луѓето до информации и зголемување на пречките за покривање на вести. Пандемијата на коронавирус се користи како основа за блокирање на пристапот на новинарите до изворите на информации и известувањето на терен. Дали овој пристап ќе се врати кога ќе заврши пандемијата? Податоците покажуваат дека на новинарите им е сè потешко да истражуваат и да известуваат за чувствителни приказни, особено во Азија, Средниот исток и Европа“, се вели во Извештајот на Репортери без граници.
Северна Македонија во минатогодишниот извештај имаше скок од три места, а пред две години подобрување од дури 14 места на Индексот. Најлош пласман според Репортери без граници државава имаше во 2014 година (123 место), додека во 2009 година беше на високото 32-ро место во светот, што е највисок пласман според овој извештај.