Една од промените во новиот Предлог закон за спречување на корупцијата и судир на интереси, што денеска е на дневен ред на Собранието, по скратен постапка и со европоско знамеце, е неможноста членови на Антикорупциска да бидат поранешни пратеници, членови на Влада или политичка партија, но ниту оние што некогаш биле донатори на некоја политичка партија.
Ново законско решение предвидува повисоки ингеренции на членовите на Државната комисија за спречување на корупција, што подразбира и увид во сметките на политичките парии и ревизорските извештаи и покренување на постапки пред надлежните органи по однос на наодите од партиските финансирања.
Овие мерки се преземаат токму поради високиот степен на корупција во Антикорупциска, со оглед дека самиот поранешен претседател Игор Тантуровски ја отсликуваше реалната функција на ДКСК низ годините. За потсетување, ЦИВИЛ пишуваше за конфликтот на интереси и двојната функција на Тантуровски, како претседател на ДКСК и заменик претседател на ЈЗУ Здравствен дом Железничар, како и за неговите невистинити околу ревизорскиот извештај за 2017 година, конечна верзија на 26 јануари 2018. Според, информациите базирани врз наодите на овој извештај, ЦИВИЛ посочи дека се извршени исплати врз основа на неверодостојни патни налози, при што ненаменски се исплатени буџетски средства, нема евиденција за работното време на членовите на ДКСК, неверодостојни патни налози, нејасна употреба на возила во лична сопственост за службени цели, нема процедура за репрезентација, а исплатени се репрезентативни трошоци…, за кои во медиумите Тантуровски тврдеше дека се извадени од контекст и дека не се чувствува одговорен.
Уште едно потсетување, ЦИВИЛ објави публикација за антикорупцијата односно предизвиците што ги носи борбата против корупцијата. Публикацијата претставува избор од содржини објавени во рубриката МИСЛА на www.civilmedia.mk од крајот на 2017 до средината на ноември, 2018 година. По тој повод ЦИВИЛ организираше и конференција „За општество ослободено од корупција“, на која за ставот на Влада и за подобрувањата внесени во предлог законот зборуваше премиерот Зоран Заев. На коференцијата како претставник на ДКСК учествуваше Розета Трајан, генерална секретарка на Секретаријатот на ДКСК.
Новината дека член на ДКСК не може да биде лице што претходно донирал средства за политичка партија, исто така, се однесува на Тантуровски, кој во 2012 година ја финансирал ВМРО – ДПМНЕ со 60.000 денари.
Сепак, под притисок на јавноста, членовите на ДКСК набргу поднесоа оставка. ДКСК остана нефункционална со оглед дека власта и опозицијата не најдоа компромисно решение. Денеска во Собранието, според најавите, пратениците на ВМРО -ДПМНЕ нема да гласаат. За овој предлог закон е потребно двотретинско мнозинство.
Останува да се види дали новите законски решенија ќе бидат доволни да се формира експертска, независна и ефективна ДКСК, што ќе биде доволно моќна да остане надвор од партиските превирања.
Биљана Јордановска