од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Наместо на европските асфалтни патишта на иднината, серија соседски закани за блокада на земјава на извесната надеж за старт на нејзиниот европски пат. Во време кога Македонија трепери во исчекување конечно да ги започне преговорите за членство во Унијата, источниот сосед манифестира непринципиелни и недипломатски постапки со ригидни инсистирања за политичко практикување на историјата.
Историско идентитетски хирови на државниот врв на Бугарија наспроти европските порти за Македонија. Забрана за употреба „македонски јазик“, „македонско малцинство“, „Гоце“, „Илинден“, „бугарски фашистички окупатор“, „ревизија на македонски културни творби“ и уште што не од тамошниот политички арсенал.
На нај нефер начин, во нај нефер момент, тамошниот прв државен ешалон форсира уцени со изветвени паушални историски теми за кои современиот свет смета дека треба да се препуштат на фактите. На стручноста и на совеста на историчарите и на компромисите и на договорите на политичарите.
Ако една земја членка на Унијата од една европски подарена статусна позиција условува друга држава кандидат за членство, ако тоа го прави со непризнавање на елементарните принципи на самоопределување, ако од страв по сопствените историски лузни или поради актуелни лукративни мотиви, сеедно, оспорува неоспорни атрибути кави што се уникатните потекло, традиција, обичаи, култура, јазик и ако сево ова вака со ултиматуми и уцени поминува во Европа, тогаш на Македонија таква Европа не ќе ѝ треба.
Но, непринципиелното заканувачко и уценувачко стампедо на бугарскиот политички врв, Европа веќе го детектираше. Пораката оттаму е земјите членки на Унијата да не го употребуваат пристапниот процес за билатерални прашања. Несомнено дека овој бриселски сигнал ќе го разберат бугарските власти. Во спротивно, во услови на провоцирање на балканското минато на сметка на европската иднина, многу лесно може да се случи старата вавилонка да ја отвори историска пандорина кутија.
Тогаш, за сите овде на Балканов, секако посебно и за бугарското подалечно и поблиско минато, од неа лесно може да се прелее и по некоја непосакувана ама весела историска математика. Покрај сите светли историски вознеси, неминовно да испливаат и по некои црни и по бугарската националната гордост болни петна кои, разбирливо за политиката, во континуитет се прикриваат од тамошната широка јавност.
Се разбира, кај секого за се`има граници. Актуелната бугарска политичка гарнитура сигурно знае дека по цена на европска рампа за Македонија, Македонија и Македонците особено, немаат никаква можност за било какви алтернативни толкувања за своето изворно уникатно идентитетско битие.
Затоа и е бесмислена оваа реторика, ова ехо кое народите од полустровов, од асфалтната европска магистрала на иднината, ги враќа на балканската калдрмата од минатото.