„За неодамнешниот извештај на ЦИВИЛ за локалните избори, во однос на изборите понудив меѓународна перспектива за човекови права. Доколку не сте го прочитале извештајот, ве потикнувам да го сторите тоа“, изјави Хедер Роберсон, експертка за човекови права и за Балканот на јавниот настан „Аларм: Слободни избори, услов за кој (не) се преговара“ .
Според Роберсон, од надвор перспективата за Македонија е позитивна и ставот на меѓународната заедница е дека земјата конечно „избра демократија“, но останува фактот ако некој сака да ја проучува Македонија мора и да ја посети инаку не само што нема да ја добие вистинската приказна за држават, туку ќе добие и погрешната приказна.
„Говорејќи како Американка, можам да ви кажам дека особено ние ги сакаме ваквите приказни, бидејќи го потврдуваат нашето верување дека во суштина сите сакаат да бидат како нас. Само кога би можеле да ги тргнеме “лошите лидери“, сé ќе се среди… Сепак, дури и ова навистина да е тенденцијата на меѓународните претставници, секогаш да сакаш да ги чуеш добрите вести и да ги обесхрабриш изворите на лошите вести, тука на терен мора да бидеме посебно внимателни со ваквиот начин на размислување и да бидеме искрени со себе си. Зошто? Затоа што она што е важно е самото човечко искуство и остварувањето на човековите права и слободи во реалниот живот, не само како ја перцепираат земјата“, истакна Роберсон.
Таа додаде дека работата што ја врши ЦИВИЛ е битна затоа што не се согласува со наративот дека Македонија го направи “вистинскит избор“ и сега го има “вистинско раководство“, туку сé уште притиска, сé уште критикува, сé уште апелира дека мора да се работи подобро и да се биде целосно транспарентен во преговорите и реформите.
„Меѓународната заедница има тенденција да има мошне тесен фокус. Ние имаме тенденција да ги гледаме изборите во однос на прашањата за тоа што се случува на денот на изборите и во периодот непосредно пред и по изборите. Ние прашуваме, дали изборите беа украдени? Дали исчезнаа гласачки ливчиња? Дали луѓетео беа заплашувани? Дали можеа да си ги најдат избирачките места? Секако, сите овие се важни прашања. Сепак, ова е само мало делче од сложувалката. Исто така, од суштинско значење е да се разгледаат целокупните услови надвор од изборите. Важно е условите да постојат и за нови чинители да моќат да изградат доверба за нивните идеи. Не велам дека сé што има назив “граѓанско општество“ е добра работа, но битно е да се формираат нови групи на интерес и да напредува граѓанско општество“, рече Роберсон.
Роберсон упати да се прочитаат извештаите на ЦИВИЛ, бидејќи се различни од сите останати што ги прочитала на тема човекови права и слободи, во контекст на гласачките права. Исто така, таа истакна дека ова е вистинскиот начин да се развиваат односите со засегнатите страни, граѓанското општество и демократија.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски