Околу 50.000 лица излегоа викендов на протести во Москва против исклучувањето на независни кандидати од локалните избори во септември.
Протесто иако помина без инциденти, московската полиција соопшти дека на протестите се приведени 136 лица поради кршење на законот. Независни набљудувачи соопштија дека полицијата привела над 250 лица.
Руската агенција за надзор на медиуми побара од „Гугл“ да преземе акција за да ја спречи нејзината страница „ЈуТјуб“ да им овозможува на корисниците да испраќаат информации за неовластени протести во Русија, јавува МИА.
Тој потег на Роскомнадзор следува по неколку демонстрации во Москва поради одбивањето на номинации на некои опозициски и независни политичари за изборите за московското собрание на 8 септември.
Роскомнадзор се пожалил кај „Гугл“ за нејасни „структури“ кои наводно користат канали на ЈуТјуб за да испратат известувања за неодобрени протести, „вклучително и митинзи насочени за спречување на изборите“.
Ако Гугл не го реши проблемот, тоа ќе се смета за мешање во внатрешните работи на Русија и Москва ќе има право на контрамерки, соопшти руската агенција.
Протестите се одвиваа со цел да извршат притисок врз властите да дозволат исклучените независни кандидати да учествуваат на изборите за Собранието на град Москва, закажани за 8 септември. Од учество на изборите досега за елиминирани 39 независни кандидати поради прекршување на процедурата. Централната изборна комисија на Русија соопшти дека ќе преконтролира од која причина се симнати од листата независните кандидати, предложени од непарламентарната опозиција. Тоа значи дека ќе се проверува автентичноста на потписите на граѓаните, кои во постапката на предлагање поддржале одредени личности.