ВЕСТ НА ДЕНОТ
Целосна поддршка од САД за изнаоѓање заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија е истакната на денешната средба на премиерот Зоран Заев со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во прва работна посета на нашата земја.
Партнерството меѓу САД и Северна Македонија и членството на земјата во ЕУ се многу важни за Скопје и Вашингтон, наведуваат од владината прес-служба во соопштението за средбата на Заев и Ескобар.
Заев на средбата го запознал гостинот со актуелната политичка состојба во земјата при што нагласил дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, за забрзување на нејзината интеграција во ЕУ, за справувањето со пандемијата, за економскиот раст, и особено за актуелното прашање за соодветен и ефикасен одговор на енергетската криза.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„САД изразуваат силна поддршка за брза европска интеграција на Северна Македонија и работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи што е можно најбрзо“, изјави денеска американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, кој е во официјалната посета на земјава на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
„Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност“, рече Ескобар.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СОВЕТУВАЛИШТЕ Во состав на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска во Скопје беше отворено советувалиште за психосоцијална поддршка на жени и деца жртви на родово базирано насилство. Советувалиштето ќе обезбедува услуги за жени и деца-жртви на различни форми на родово базирано насилство.
БУЏЕТ Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска го достави дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да биде усвоен на пленарна собраниска седница најдоцна до 31 декември.
ЖИВОТНА СРЕДИНА Шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин на денешниот брифинг појасни дека Зелениот договор не се однесува само на животната средина, туку дека тој треба да биде применет во секоја област.
АУДИОЧИТАЧ По промовирањето на Аудиочитачот на македонски јазик – Кико, слепите лица и лицата со оштетен вид, чиј мајчин јазик е албанскиот, ја добија и албанската верзија – Хана. И оваа апликација на албански јазик, налик на македонската, ќе овозможи пишаниот текст да се слушне и разбере во аудио верзија.
ДОБРОСОСЕДСТВО Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас му се заблагодарил на папата Франциск за споменувањето на Договорот од Преспа за време на говорот во Претседателската палата во Атина кога ја изрази неговата почит „за тешкиот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу Грција и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Ида Мантон, научник и обучувач во областа на дипломатијата, преговорите, медијацијата и решавањето конфликти. Таа зборува за:
Дипломатската професија, недоветноста на македонската дипломатија и рефлексиите врз актуелните македонско – буграски релации, нужноста од меѓународна медијација и инертноста на нашиот преговарачки тим, интересите на членките на ЕУ наспроти македонските очекувања.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Свесна е опозицијата – сите таму, не само Мицкоски – дека со таков пандемиски и евро-интегративен пресврт, натпреварот на следните, редовни, парламентарни избори може да биде со поголема предност за сегашните партнери во власта одошто за нив. Тоа е истата власт чијшто парламентарен опстанок пред две недели висеше „на конец“ – како опстанокот на Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ не толку одамна – но, откако опозицијата брзоплето ја пропушти можноста со гласање недоверба на Владата конецот да го скине, сега трендовите се обратни, конецот полека се претвора во ортома на која ќе видиме кој ќе се „обеси“ на следните избори“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Политичкото клатно почнува да го менува правецот“.
„Тие кои беа сведоци на ужасот од војните во 90-тите години и кои ги претрпеа нивните последици најверојатно ќе ја напуштат земјата во потрага по безбедно засолниште на друго место. Младите веројатно ќе бидат инструментализирани, како што беше случај во минатото, да посегнат по оружје. Денес, дури и да немаме жртви како што имавме во минатото, ќе бидеме сведоци на подлабока поделба, повеќе омраза и понесигурна иднина, подготвени за искрата да се претвори во уште еден кошмар. Прашањето тогаш е кога, а не доколку“, пиѓува Астрит Истрефи во колумната „Важноста на преговарачките процеси за стабилноста во регионот“.
Д. Муратов












