Categories

ИДЕНТИТЕТИ Сакам да живеам во држава со сите нишани во која нема да си ги пребројуваме крвните зрнца

пишува: Синиша Станковиќ

Едноставно не сакав, никој, меѓу два залака мувлосано сирење и две голтки од со децении старо вино, да се расправа, скраја да е, да се тепа, кој најмногу му помогнал на последниот преживеан од Македонија, библиска, ли античка ли, папокот или анусот на светот, кој како милува…

Се мислев дали да учествувам на дебатава, зашто сметам дека сѐ она што го определува мојот идентитет е мое лично право, дел од мојата интима… Од друга страна, по катастрофичарските предвидувања дека со Договорот од Преспа етничките Македонци неповратно ќе го загубат својот идентитет и покрај признавањето на уставното име од над 180 држави, во атмосфера на зовриени емоции, е многу тешко да се води рационална дебата… Сепак, и во јавни настапи и во објавени текстови, и досега јасно се залагав за изнаоѓање решение кое на новите поколенија во Македонија, ќе им понуди иднина! А актуелното решение, иако нормално, не е идеално, сепак, нуди некаков излез од ќорсокакот. Особено, што со децении не беше понудено ниту едно, поинакво, ама сериозно и издржано решение…

Дали Договорот од Преспа е идеален. Јасно – не е. Но, дали по 27 изарчени години, во ситуацијава во која политичките елити ја турнаа Македонија, можеше да се постигне подобар и поправеден? Во моментов, тоа не е можно, и сметам дека мораше да се искористи шансата за затворање на отворените прашања – обременети со историја и со крв, и за свртување, кон, да се надеваме, колкутолку подобрата иднина. Дали жртвата која ја поднесува македонската страна е преголема за да се влезе во еден воен сојуз, со магловити ветувања дека некогаш, можеби и ќе стане членка на посакуваната ЕУ? Според мене. сепак – не, иако компромисите едноставно, мораа да здоболат. Дали во договори за идна соработка и пријателство, треба да се шминка историјата, за во актуелниот момент „посилниот“ – да не се чувствува навреден од сопственото минато? Секако – не, оти токму поради новиот дух на пријателство и добрососедство, историските факти мора да се почитуваат, а сите страни да созреат доволно за да можат да се соочат со минатото и да тргнат напред. Моментот на созревање на Балканот, за жал, ни оддалеку не е постигнат, ама Македонија, не беше во позиција да диктира услови. Македонија ја искористи понудената шанса и моментот – поради одмерувањето на силите на меѓународен план и зголемениот интерес на моќните за нејзината географска положба и за нејзиниот статус. Владеачката структура едноставно, прекрши и донесе одлука… И прифати да испие и чаша вино и чаша жолч.

Но, и кога решив да ги изнесам моите аргументи, остана прашањето, што е всушност, мојот идентитет?

Човечко суштество, машки пол, родено пред повеќе од пет децении, во постземјотресно Скопје, во една, а сега живее во друга држава, како дете на родители – припадници на два според тогашните дефиниции – народа, здружени во ЈУ-заедницата, ама со многу замешателства во крвната слика во семејните истории на двата родитела… Неостварен режисер, веќе 34 години веќе новинар, главно фриленс – дописник и уредник во неделници, сопруг, татко, вујко, дедовујко, автор на неколку книги, долгогодишен кирајџија, кум и старосват, немтур-комшија, познаник на илјадници, колега на стотици, пријател на десетици, другар на – на прсти се бројат… Љубител на вкусна храна и добра капка, некогаш одамна – красноречив и надобуден, сега главно резигниран и сѐ почесто циничен до срж, демек некогаш убав и млад, сега само убав, ама и тоа оди со годините… Мојот идентитет е граден во семејството во кое раснев, со книгите, музиката и филмовите, во семејството во кое со поубавата половина, го израснавме син ми, на улица, во основното училиште и во гимназија, на работни акции, со феријалци и извидници, во ЈНА, на факултет, на шверц-тури во Италија и Австрија, на критските плажи ама и маслиници и пластеници, во десетината редакции, на патувањата, средбите со секакви луѓе…

И сето тоа ме изградило, ваков каков што сум. Е, таков, сметам дека сепак, нема да го загубам/загубиме идентитетот, колку и да е отворено прашањето на она „или“… од насловот на дебатава – „Губење на идентитетот, или…?“,

Ќе наведам два примера од периодот на почетоците на борбата за името, настани за кои и сум пишувал…

Во средината на деведесеттите додека во Босна имаше крв до колена, во замокот во кој во 1965 е сниман Sound of music („Моите песни, моите сништа“), на едно од изданијата на Салзбуршкиот семинар со наслов: „Дали Европа го губи својот пат?“, учествуваа еден еминентнен професор – иден амбасадор од Србија, двајца млади дипломати од Хрватска и Црна Гора, со искуство и од ЈУ амбасадите, и двајца новинари – еден од националиот ТВ сервис на Словенија и јас од магазинот „Пулс“ од Македонија…)

Од ептен оправдани причини, немаше официјален претставник од БиХ.

Сепак, имавме и Босанец, хаусмајсторот/економот на дворецот, кој прекрасно свиреше гитара во пивската визба, и сите довчерашни содржавјани, секоја ноќ со песни на „нашите народи и народности“, се трудевме секој квадратен сантиметар од ЈУ-масата да го прекриеме со празни пивски шишиња…

Дење, на темата како Европа толку заталка токму на босанските скрки и волкоебини, пред целиот аудиториум во кој имаше едно чудо дипломати од тогаш двете Европи и САД, со шаренило од титули и црнило на смокинзи, зборувавме токму ние, екс-Југословените… И ги шокиравме присутните со хармоничните ставови, кои искричеа и излегуваа од црно-белата слика создадена од политиката и медиумите за државата во која бевме родени..

Со горчлив вкус во устата, од вечерите на кои мака мачев со есцајгот (ама ме тешеа со некое од десетиците врсти вина), на „босанската“ сесија, јас (Зиниса Станкович фром ФЈР Маседониа) ја прераскажав ТВ-сторијата на сараевската листа на надреалисти, со црно-хуморното предвидување, за тепачката на славеничката маса меѓу претставниците на меѓународната заедница, кој од нив најмногу му помогнал на единствениот преживеан Босанец кој успеал да се извлече од високите ѕидини околу Сараево… И гледав како дел од присутните се обидуваа да го голтнат мојот горчлив залак. И не ми беше ич ќеиф, што демек, поентирав, ниту ми значеше аплаузот…

Во Скопје, во 2017/2018, едноставно не сакав, никој меѓу два залака мувлосано сирење и две голтки од со децении старо вино, да се расправа, скраја да е – тепа, кој најмногу му помогнал на последниот преживеан од Македонија, библиска, ли античка ли, папокот или анусот на светот, кој како милува…. Ама, не сакав…

Исто така во средината на деведесеттите, петнаесеттина новинари од Третиот Свет и од Северна и Република Ирска, главно од региони со конфликти, неколку недели во американски медиуми на двата брега, беа подучувани за журнализмот и за демократијата, според тогаш важечките американски дефиниции (кои умреа во 1999…).

Со колегите од Ирска, Оман, и Папуа Нова Гвинеја, решивме малку мајтап да тераме, па на два настана, ги заменивме табличките на масите и беџевите со имињата на реверите. Новинарот од Папуа, со најтемна боја на кожата што сум ја видел во животот, се претстави како Том од Ирска, „султанот“ од Оман – како Зики from Republic of Macedonia, no – FYROM), Ирецот, од Том од Даблин – стана Мохамед или нешто слично од Оман, а јас, по неколкучасовно вежбање на акцентот за мојата реплика, бев Џонатан од Папуа Нова Гвинеја… Десетици дами и господа, кои за да им биде полесно – од нас бараа на глобус да им покажуваме кој од каде доаѓа (на неапдејтуваниот глобус едвај ја најдов и Југосавија, Македонија уште не беше нацртана), мртви ладни муабетеа со нас за „нашите држави“. И кисело се смееја, кога на крајот, си ги вративме вистинските плочки со имињата – лични и на државите, и им кажавме за што се работи. Сепак, не губејќи ни грам од ароганцијата…

Во Скопје во 2017/2018 едноставно, не сакав, на нечии чајанки, со чамче-муабет, да ми ја прецртуваат, бришат и доцртуваат земјата на некој глобус ..

А, посакувам, Северна Македонија да стане асли држава со сите нишани, во која сите навистина ќе бидат еднакви пред својот Бог и пред законот, за никогаш повеќе да не се користи она „некој меѓу нас не е наш…“, и сите, како фиљан луѓе да можат да живеат со комшиите во своите маала без да си ги пребројуваат крвните зрнца.

 


Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.

Print Friendly, PDF & Email