„Говорот на омраза е најзастапен на социјалните мрежи, најчесто е генериран од самите корисници, меѓутоа и од други ентитети како што се медиуми, комерцијални или политички ентитети кои создаваат содржини и ги пласираат на социјалните мрежи. Потоа доаѓаат порталите кои објавуваат информации, дел од тие вебпортали се професионални, меѓутоа има дел од порталите кои се непрофесионални и се вон сите новинарски стандард“, вели Петрит Сарачини, новинар и медиумски истражувач, во разговор за ЦИВИЛ Медиа.
Сарачини е дециден дека најголема одговорност има тој што го кажал или напишал ставот, а не медиумот што го пренел.
„Медиумите сносуваат одговорност за тоа како ќе ја пренесат, односно како ќе ја распрскаат таа содржина, но, примарно е одговорен тој што дава изјава, тој што повикува на насилство, тој што повикува на мразење на одредени општествени групи, тој е одговорен и треба да се соочи со правдата, бидејќи говорот на омраза е кривично дело во нашата земја. Одговорни институции за тоа се Обвинителството и МВР, меѓутоа за жал досега не видовме ниедна конкретна правиосилна пресуда за говор на омраза во Македонија. Имаме една пресуда за палењето на македонското знаме во Струга и една првостепена пресуда за Миленко Неделковски за говорот на омраза за пожарите во Грција. Тоа покажува дека имаме феномен на неказнивост и тоа ги охрабрува мразачите. Тие знаат дека нема да имаат последици за ширењето на омрзата на социјалните мрежи или на етерот. Но, доколку има санкции за тие што шират говор на омраза, верувам дека ќе бидат обесхрабрени и тој феномен сериозно ќе се намали во нашата земја“, нагласи Сарачини.
Тој додава дека покрај спроведување на казните, треба да има и едукација и медиумска писменост за граѓаните да научат што е говор на омраза и како да се справат со тоа.
„Освен институциите и образованието, значајна улога има и медиумската фела, односно мора да сфатат дека непрофесионалните медиуми, оние кои шират говор на омраза, што ја лажат јавноста, се нивниот најголем непријател…“, додава тој.
Сарачини е дециден дека говорот на омраза ќе се намали доколку има само професионални медиуми кои нема да шират невистини, и доколку соработуваат медумската фела, образованието и надлежните институции.
Дехран Муратов
Камера: Ангела Петровска
Фотографија и монтажа: Биљана Јордановска