„На средбата помеѓу вицепремиерот Стоиљковиќ и Додик во просториите на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, покрај државното знаме на Република Северна Македонија беше истакнато и знамето на еден од двата ентитета на БиХ. Истакнувањето на знамето на едниот ентитет, а без државното знаме на Босна и Херцеговина, во просториите на државното министерство, е поддршка за сепаратистичката политика на Додик. И укажуваме на демократската јавност дека пред само неколку недели, на Милорад Додик, членови на неговото семејство и неговите соработници им беа проширени санкциите од САД и В.Британија токму за обидите за нарушување на територијакниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, реагираат од Странка на демократска акција, СДА Македонија.
Како што потсетуваат во реакцијата, на главната манифестацијата на Св. Сава, одржана под покровителство на Владата на Северна Македонија, Милорад Додик испрати и пораки со кои повторно се негира геноцидот врз Бошњаците, пресуден од Меѓународниот суд во Хаг.
„Изразуваме револт што наместо достоинствена прослава на празникот, организаторите се одлучија за провокации преку пораки со кои се негира геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и со дипломатски скандали со кои се нарушуваат односите помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Жалиме што Владата на Северна Македонија, откако го стопираше патот кон ЕУ, станува покровител на настани за промоција на големосрпската политика, со кои Северна Македонија забрзано влегува како чинител во “српскиот свет“, на што вчера аплаудираше и рускиот амбасадор во државата. Молкот на политичките партии од власта на овие провокации и дипломтаски скандали го сметаме како одобрување за Владата да продолжи со покровителство на настани со кои Северна Македонија станува дел од “српскиот свет“ и инструмент на големосрпската политика“, велат од СДА Македонија.
Тие ги повикаа прогресивните политички сили и демократската јавност да се спротистават на големосрпската политика, која е штетна за интересите и на Северна Македонија како држава и за интересите на сите нејзини граѓани.