Спротивставени соопштенија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на сиромаштијата. Додека владеачката партија соопштува дека се превземени мерки за намалување на трошоците на граѓаните, од опозицијата реагираат дека граѓан(к)ите живеат во сиромаштија и дека се помалку пари завршуваат кај нив.
„Владата предводена од СДСМ реализираше серија на мерки со кои се намалија трошоците и се повеќе пари завршуваат назад кај граѓаните. Од почетокот на новата грејна сезона, граѓаните ќе добиваат помали сметки за парно греење согласно одлуката за намалување на ДДВ-то за испорака на топлинска енергија од 18 на 5 отсто. Тоа значи дека секое семејство, приклучено на централното парно греење со стан со просечна квадратура, ќе добива пониска сметка за околу 220 денари месечно, што е годишна заштеда од над 2.600 денари“, соопштуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека граѓаните имаат сè помалку пари.
„Додека државата плаќа возила и обезбедување да го следат Зоран Заев во неговите лудории, 500.000 граѓани живеат во праг на сиромаштија. Земјоделците на кои им беше ветено сигурен откуп на производство и поголеми субвенции, својот род го фрлаат на буништа. Граѓаните имаат се помалку пари, и знаат дека СДСМ и Заев се причината за тоа што им се случува, време е СДСМ и Заев да си заминат од власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.