Македонија со СДСМ не е слободна и демократска држава, а со ВМРО –ДПМНЕ е антизападно ориентирана.
Зоран Заев чисти терен за злоупотреба на државни интереси, а Христијан Мицкоски има само една точка на агендата – амнестија на Никола Груевски.
Со заробување на имотот на ВМРО –ДПМНЕ власта сака да го спречи политичкото делување на опозицијата против антидржавните политики. Од друга страна, СДСМ вели дека Мицкоски не го интересира иднината на Македонија и патот кон ЕУ и НАТО, туку Груевски, па Груевски.
„Правда ќе има!“, велат од СДСМ.
„Република Македонија и граѓаните ќе победат!“, велат од ВМРО –ДМПНЕ.
Во дневно политичката трка кој кого повеќе и погласно ќе нападне, претежно преку соопштенија, и двете политички партии сметаат дека „пион“, „криминал“, „иднина“, „за Македонија“, „режим“, „заробена држава“, „граѓани“ или „народ“ во зависност од контекстот, „клиентелизам“, „ЕУ“, „НАТО“… се клучните поими што треба да го задржат вниманието на јавноста.
Денешното соопштение на СДСМ е во насока на средбата на Мицкоски со Груевски и отворената агенда Груевски да се амнестира.
„За антизападниот Мицкоски поважна односно единствено важна е иднината на Никола Груевски, наместо иднината на Македонија и нејзините граѓани“, соопштува СДСМ.
„СДСМ и Зоран Заев по примерот на комунистичките режими го направија последниот чекор да ја спречат ВМРО-ДПМНЕ во своето работење. Власта преку заробеното судство го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што знае дека партијата е последниот бедем кој застана во одбрана на државата и државните интереси“, соопштува ВМРО – ДПМНЕ.
Накратко, „за“ или „против“ ЕУ и НАТО преку партиски препирки за одржување на кондиција.
Б. Јордановска