ВЕСТ НА ДЕНОТ
СДСМ ги објави имињата на 16 кандидати за градоначалници
Генералниот секретар на СДСМ , Љупчо Николовски, на прес конференција ги соопшти имињата на кандидатите за градоначалници. Станува збор за 16 кандидати, со кои како што рече Николоваски, СДСМ оди на голема победа на локалните избори.
Кандидатите за градоначалници се: Прилеп – Горан Сугаревски, Свети Николе – Сашо Велковски, Карпош – Душко Весковски, Тетово – Хенди Алезовиќ, Аеродром – Александар Филиповски, Сопиште – Сашо Стојановски, Јегуновце – Дарко Блажевски, Кавадарци – Горан Тодоров, Кратово – Влатко Бојковски, Чешиново – Горан Крстев, Зрновци – Виктор Ангелов, Илинден – Александар Тодоровски, Демир Хисар – Стевче Митревски и Велес – Ненад Коциќ.
Николовски истакна дека шанса им се дава пред се на нови и млади луѓе кои се ценети меѓу граѓаните. Тој додаде дека актуелниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоевски ќе биде вработен во некоја позиција во државна институција.
Тој истакна дека останатите кандидати ќе бидат соопштени до крајот на месецот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„За прв пат во нашата историја воведуваме правична и праведна контрола врз капиталот, отвораме пат за конфискација на нeлегално стекнат имот! Предолго незаконски се имаат богатено огромен број луѓе со реални, вистински пари кои дошле од џебот на граѓаните“, истакна вицепремиерот Љупчо Николовски на својот Фејсбук профил.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС Небитно е дали некои од попишувачите се вакциниран или не. Имаме јасни и прецизни КОВИД-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи, рече денеска на прес-конференција во Владата директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ Петар Георгиевски – Камиказа, басистот на групата Меморија на својот Фејсбук профил објави статус со кој најави дека би настапил на претстојните локални избори како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од партијата Левица. Поддршка за неговата независна кандидатура доби и од Тамара Јованов, сопругата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
КАНДИДАТУРА Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори објави незавиосна кандидатура за градоначалник на Град Скопје, а веста ја сподели на Фејсбук, со видео спот. Сепак нема да е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ како што се шпекулираше изминатите неколку денови.
ВАКЦИНАЦИЈА Лекарска комора бара да се пријавуваат здравствените работници кои шират псевдонаука и невистини за вакцинацијата
ПОПИШУВАЧИ Јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите трае уште денеска. Сите заинтересирани кандидати за реонски попишувачи можат да се пријават на онлајн апликацијата достапна на www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk.
МЕРКИ Доколку е потребно ќе донесеме нови мерки за поддршка на угостителите и граѓаните заради воведувањето на последните рестриктивни мерки за посета на угостителските објекти и затворените трговските центри, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Рита Бехадини, новинарка и активистка за правата на жените, во видео порака за иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“ истакна дека подобро ќе се разбираме и почитуваме ако се надминат јазичните бариери.
„Мислам дека најважно за нас е дека ги надминавме јазичните бариери. Ако порано не можеа да се согласуваат едни со други, тие што имаа јазични проблеми: не, мора да зборувате на мој јазик, не, мора да зборувате на мој! Ние денес, како млади, ги надминавме овие бариери, секој од нас зборува туѓи јазици, се разбираме и се почитуваме едни со други“, вели Бехадини.
ЦИВИЛ отвори повик за краткорочни изборни набљудувачи
ЦИВИЛ отвори повик за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Повикот ќе биде отворен до 30 септември 2021 година, но на заинтересираните им се препорачува да се пријават што поскоро. ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА.
Д. Муратов












