Собраниската седница за финалната фаза за спроведување на уставните промени ќе се одржи денес во 12 часот. Вчера беше одложена два пати, откако не се обезбедија доволно пратенички гласови за уставните амандмани коишто произлегуваат од Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција.
Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес конференција изјави дека сѐ уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.
Заев вчера рече дека не може да каже дека се обезбедени 80 пратеници, но и дека е подготвен да го презеде својот дел од одговорноста доколку е тоа потребно.
– Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнозинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме се на оваа карта. Или ќе не има 80 или ќе следува одговорност – вели Заев, и при тоа подвлече дека сепак верува и очекува да биде обезбедено потребното мнозинство.
Пред Собранието за денеска е најавен нов протест против промена на името во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“ на кои им се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.
Д. Т.