На денешен ден, во 1908 година во Битола заврши Битолскиот Конгрес на кој се создаде албанската стандардизирана азбука.
На Конгресот се решава азбуката да се состои од 36 латински букви, што е во употреба до ден денес. За потребите на печатење на книги и весници со албанска азбука, во Битола тогаш се отворила и првата печатница, позната како Битолска Печатница, финансирана од група трговци – Албанци муслимани.
Зградата во која се одржал Битолскиот Конгрес, денес е Музеј на албанската азбука во кој се поставени фотографии и повеќе од 230 документи во дигитална и хартиена форма со кои се афирмираат преродбеничките, културолошките и напредните движења на албанскиот народ.
-Драги сограѓани од албанска националност, нека ни е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. Најискрено ви посакувам празникот да го минете, пред сè, во добро здравје, радост и благосостојба. Унифицирањето на албанската азбука кое се случи пред 113 години во Битола не беше само пресвртен момент во кодифицирањето на албанскиот јазик и негово етаблирање, туку и клучен културен, духовен и национален потфат на албанскиот народ. Оттука, 22 Ноември има суштинско значење за Албанците и не е само нивен национален празник, туку датум кој со пиетет го чествуваат сите граѓани во нашата мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија, се вели во честитката на претседателот Пендаровски.
Го честитам празникот – Ден на албанската азбука на сите припадници на албанската заедница и на сите граѓани. Да го прославуваме заеднички и да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови, наведува премиерот Зоран Заев во честитката по повод Денот на албанската азбука.
Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ денеска во Собранието ја додели наградата „22 Ноември“ за 2021 година на политикологот Илбер Села и писателот Фејзи Бојко.
Станува збор за признание што се доделува на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредувањето на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање на припадниците на различните заедници, култури и вери во државата.
ЦИВИЛ им го честита Денот на албанската азбука на граѓанките и граѓаните од албанската етничка заедница.












