Повторно се одложуваат предмети на Специјалното Јавно Обвинителство. Во Кривичниот суд денеска повторно одложено судско рочиште на Специјалното јавно обвинителство. Судењето за предметот „шамарите во Центар“ кое требаше да се одржи денеска во 10 часот е одложено поради судењето за случајот „Т.Н.Т.“ кој беше закажан во исто време како „Насилство во општина Центар“. Во двата предмети обвинет е Миле Јанакиески кој мора да биде присутен на судењата.
Претходно, ова се случуваше со судењето за нападот во Собранието на 27 април, што го водеше судијката Добрила Кацарска и „Титаник“, со кој претседава судијата Осман Шабани, кои ги закажуваа термините во исто време. Мунир Пепиќ е обвинет во двата случаја, па поради некоординација на судиите, „Титаник“ постојано се одлагаше.
На денешното рочиште, пред да се одложи, обвинетиот Александар Трајковски кој беше во посета на избеганиот обвинет и осуден Никола Груевски во Будимпешта, му покажа на судот фотографии од Вибер комуникација што му ги испратил обвинетиот Игор Бошковски од сообраќајка што наводно ја имал во Србија. Судот треба да ја провери веродостојноста на известувањето по Вибер.
Следните рочишта за насилствата и шамарите во Центар кое се влече над 2 години, е закажано за 5 и 19 јуни 2019 година.
Одложувањата на судските рочишта, највеќе на оние каде како овластен тужител е СЈО, се случуваат со месеци наназад што веќе стана пракса во правосудството. Како главна причина е поклопувањето на термините помеѓу два предмети што укажува на неажурност на судот кој ги закажува судењата.
Од овие причини досега најмалку по 2 пати беа одложувани рочиштата на речиси сите предмети застапувани од Специјалното јавно обвинителство. Во случајот Насилство во Центар обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
Тие се теретат за поттикнување и извршување насилство, кое се случи за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.
На претходните рочишта, вина за настаните пред општина Центар признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.