Министерството за надворешни работи до Советот за етика во медиумите на 8 мај 2019 поднесе жалби кои се однесуваат на тенденциозен и невистинит текст, првично објавен на веб порталот „Магазин.мк”, а слични текстови биле објавени и на порталите „Република”, „Скопје24”, „Денешен весник”, „Лидер”, „Македонија Вести” и „Маркукуле”. Од СЕММ информираа дека по жалбите поднесени до Советот за етика во медиумите, на 29 мај се донела одлука дека порталот „Магазин.мк” го прекршил Кодексот на новинари во членовите 1 и 13, додека „Република”, „Денешен весник”, „Лидер”, „Македонија Вести” и „Маркукуле” го прекршиле Кодексот во членот 1, а порталот „Скопје24”, пред одлуката на Советот, објави јавно извинување кое СЕММ го прифатил.
Во наодите на Советот, меѓу другото, стои: „Наместо факти и проверени информации, текстот изобилува со сомнителни тврдења, субјективни мислења и тенденциозни обиди за политичка дискредитација на министерот Димитров”, „Новинарот отстапил од основното новинарско правило да побара став од сите засегнати страни”, „Во текстот авторот неретко се јавува како коментатор и не прави суштинска разлика меѓу фактите и мислењата”, „Новинарите имаат право на свое мислење, став и вредносен суд, но не смеат сопственото мислење да го камуфлираат како факти. Мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар, претпоставка или став на авторот за да се избегне дезинформирање и манипулирање со публиката.“
По шпекулациите дека министерот Никола Димитров го напушта Министерството за надворешни работи првата реакција пристигна на Фејсбук профилот на министерот: „Гладна кокошка, просо сонува“. Жалбата кон порталот „Магазин.мк“ всушност се однесува на текстот „Никола Димитров во јуни „си бега“ од земјата на која и го смени името“.
Б. Ј.