УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Не требаше долго да се чека, едвај два-три дена, за да се види дека обидот нагло да се подобрат односите помеѓу Бугарија и Македонија со иницијативата на двајцата нови премиери нема да помине со воодушевување во разни политички, безбедносни, академски, медиумски и други – можеби со исклучок на бизнис – кругови и во Скопје и во Софија. По успешните последователни и брзи средби на владите во двата главни градови, исполнети со насмевки, ракувања и внимателни, но „техно-оптимистички“ изјави, следуваат внатрешно-политичките „отрезнувања“ на оние кои очекуваа барем некаков инцидент, некоја изречена или направена провокација, нешто со што ќе можеше веднаш да се оспорат намерите и судбината на целиот „проект“… Не се случи, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Тајната агенда“ на сегашниот македонско-бугарски проект“
Украина, 24 пати поголема и со 20 пати поголемо население од Северна Македонија, секогаш беше тука, на рамноправни и пријателски основи, да биде ненаметлив, а значаен партнер. Соработката и поддршката меѓу украинската и македонската држава е повеќеслојна и богата. За да се стекне макар и основна претстава за разновидноста и богатството на македонско-украинската соработка, може да се прочита и интервјуто со украинската амбасадорка, Наталија Задорожњук.
Економија, трговија и бизнис, култура и уметност, образование и наука, здравство, воено-техничка соработка, туризам – практично нема област во која соработката и размената со оваа голема и богата земја не е развиена. И сето тоа се спроведува без помпезност и засновано на принципите на меѓусебното почитување, рамноправност и пријателство, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Слободата на Украина значи слобода на Европа и на светот“
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ПОСЕТА: Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан Сер Стјуарт Пич денеска ќе пристигне во дводневна посета на Република Северна Македонија. За време на посетата на Северна Македонија, специјалниот претставник Сер Стјуарт Пич ќе биде примен од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, и ќе има и одвоени средби и со министерот за надворешни работи Бујар Османи и со министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Поранешниот шеф на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство Стјуарт Пич, сега како специјален претставник на премиерот Борис Џонсон, во нашата земја ќе биде примен и од претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.
Во рамките на својата посета на нашата земја, специјалниот претставник Пич со своите соговорници ќе разговара за понатамошниот развој на силните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и за силната посветеност на ОК на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.
СОСАНОК: Министерството за финансии денеска и утре е домаќин на бугарска владина делегација предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими ќе копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации. Како што информираат од Министерството за финансии, на состанокот во Скопје, Работната група ќе ги разгледа можностите за привлекувањето инвестиции, иновациските можности, финансирањето на проекти, зголемување на трговската размена меѓу двете земји, како и приоритетите за развој на регионот, области во кои може да се развиваат заеднички проекти и слично.
РЕГИОНАЛЕН ФОНД: Грант од околу 3,4 милиони евра, во рамки на првиот повик на Регионалниот фонд за предизвици (РФП), денеска ќе им биде доделен на 29 фирми – членки на Стопанската комора, за да го продолжат дуалниот модел на образование со седум стручни училишта и една вискокообразовна институција. Настанот е во организација на Стопанската комора, како дел од Коморскиот инвестициски форум (КИФ ЗБ6) и партнер во спроведувањето на финансискиот инструмент дизајниран за зголемување на вработливоста на младите – Регионален фонд за предизвици, во соработка со Германската банка за развој (КфВ) и германското Федерално министерство за економска соработка и развој.
ОБИКОЛКА: Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Прилеп ќе го посети Општинското основно училиште „Кире Гавриловски – Јане“ каде ќе изврши увид во реконструкцијата на училиштето, а потоа во новоотворената сала ќе го проследи подготвителниот натпревар за регионалниот турнир во одбојка.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Ковачевски потоа ќе изврши увид во реконструкцијата на Средното општинско училиште „Мирче Ацев“, после која обиколка се предвидени изјави за медиумите.ОТЧЕТ: Денеска, во 12 часот во холот на МКЦ (кеј Димитар Влахов бр. 15) Град Скопје ќе бидат презентирани релизираните проекти од првите 82 дена од мандатот на Данела Арсовска како градоначалничка на Град Скопје.
КУЛТУРА: Во рамките на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност “ИНАКУ”– Скопје покренат е Меѓународен проект за литература за деца и млади во кој ќе бидат вклучени голем број истакнати универзитетски професори и писатели од земјава и странство. Веќе е распишан Конкурсот за Меѓународниот фестивал за творештво за деца и млади, кој ќе се одржи на 21 март оваа година во Скопје, а во истиот термин ќе се одржи и интернационалната онлајн трибина на тема “Литературата за деца и млади денес – тенденции, специфики и перспективи”. Исто така, во подготовка е новиот број на меѓународното списание за книжевноста за деца Нов круг. Наскоро ќе биде распишан и Конкурсот за наградата „Силјан Штркот” за најдобра критика и есеј за книга за деца.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев