По преземање на власта, грчката Нова Демократија направи голем пресврт во ставот кон Преспанскиот договор, за што денеска реагирала опозициската Сириза чии челници го потпишаа договорот.
Оваа партија потсетува на квази патриотизмот на Нова Демократија кој беше сличен, но од спротивен агол со ставот на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија. Во објавено соопштение СИРИЗА тврди дека нивната политика за договорот е оправдана од самите функционери на Нова Демократија, изразени во панел дискусијата на конференцијата на „Економист“, на која учествуваше и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.
Од СИРИЗА, на Нова Демократија ѝ посакуваат „среќно враќање во реалноста и на цврстата национална позиција во надворешната политика на земјата“.
„Седум месеци, Нова Демократија и господинот Мицотакис се препуштија на неверојатен квази-патриотизам, поттикнувајќи ги национализмот и радикално десничарските теории на заговор за да уловат гласови од радикалната десница. Отидоа толку далеку, дури и да говорат за размена за некратењето на пензиите, со потпишување на Договорот од Преспа. Само десет дена по изборите, политиката на владата на СИРИЗА во врска со Договорот од Преспа е сосема оправдана. Сега, министрите од НД говорат за корисни начини на соработка за двете страни (Варвициотис) и за една подобра иднина за двете земји (Панајотопулос)“, се вели во соопштението на СИРИЗА.
Новоизбраниот министер за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос изјави дека обостраното почитување на Преспанскиот одговор, без отстапување, значи позитивен реултат и ќе придонесе кон подобра иднина. Панајотопулос, според известувања на регионалните медиуми, бил дециден дека не ја оспорува намерата дека договорот е постигнат со добри намери и негова цел е зајакнување на стабилноста во регионот и геополитичките темели.
А. Зеќири