Categories

ИСТРАЖУВАЊА Северна Македонија е на 65-то место на Глобалниот индекс на мирот

Австралискиот институт за економија и мир го објави годинешниот глобален индекс на мирот, врз чија основа се рангирани земјите од „најбезбедна“ до „најнебезбедна“.Во споредба со периодот од пред една деценија, светот во 2019 е најбезбеден во последниве пет години според  најновото истражување на Институтот. Индексот се пресметува врз основа на 23 фактори, меѓу кои и внатрешни и надворешни конфликти, воени трошоци, тероризам, убиства и криминал. Единаесетта година по ред Исланд е најбезбедна земја во светот, а на последното место на листата, исто како и лани, е Авганистан. Северна Македонија е рангирана на 65-то место. Меѓу првите 25 земји на листата дури 17 се од Европа. Во Извештајот за Глобалниот индекс на мирот за 2019 година се посочува дека над 400 милиони луѓе живеат во реони во кои нивото на безбеден живот е ниско и каде има високи ризици поврзани со климатските промени. Најизложени на ризик од еколошките фактори и потенцијални конфликти се државите во регионот јужно од Сахара. Во осумте најнебезбедни земји, каде ризиците поврзани со климата се најголеми, живеат околу 103 милиони луѓе. Основачот на Институтот за економија и мир, Стив Килелеја оценува дека Индексот на мир покажува и позитивни и негативни тенденции поврзани со безбедноста. Тој посочува дека конфликтите што доминираа во изминатава деценија, како тие во Ирак и Сирија, сега почнуваат да се намалуваат, но во исто време избувнуваат нови во Јемен, Никарагва и Турција. На листата се рангирани вкупно 163 земји, а првата „десетка“, покрај Исланд, ја сочинуваат и Нов Зеланд, Португалија, Австрија, Данска, Канада, Сингапур, Словенија, Јапонија и Чешка. На дното на листата е Авганистан, а пред него се Сирија, Јужен Судан, Јемен, Ирак и Сомалија, рангирани од 163 до 158 место. Од поголемите држави, Русија е на 154-то место, Турција на 152, Украина на 150, САД на 128, Кина на 110, Франција на 61, Велика Британија на 46, Италија на 39, а Германија на 22 место. Од земјите од регионот најдобро пласирана е Романија на 25 место, Бугарија е на 26, Хрватска на 28, Србија на 50, Албанија на 51, Грција го дели 65-то место со нашата земја, Црна Гора на 67,  Босна и Херцеговина на 81, а Косово на 86 место.

Print Friendly, PDF & Email