Во најновиот извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент се наведува дека во Република Северна Македонија има напредок во медиумите и во судството, но дека сепак останува да се решат уште важни проблеми како корупцијата.
Во извештајот стои дека државните затвори и притвори не успеале да ги имплементираат меѓународните стандарди и во некои случаи, согласно извештајот за превенција од тортура на Советот на Европа од октомври 2017 година, условите би можеле да се опишат како сурови, нехумани и деградирачки.
Во 2018 година властите покажале поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.
За случувањата во Парламентот од од април 2017 година и судската разврска на случајот во извештајот се вели дека 33 лица биле обвинети за „тероризам и загрозување на уставниот поредок“ и дека „опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека обвиненијата против 33 лица, вклучувајќи и членови на Парламентот, биле политички мотивирани и преувеличени. Нема доказ дека Владата одбила пристап до овие затвореници на хуманитарните организации и од групите за човекови права“.
Според извештајот Владата направила прогрес во почитување на слободата на медиумите и слободата на изразување, иако проблемите како слаба медиумска независност, насилство и заплашување на новинари остануваат.