Европската Унија ја стави Северна Македонија на „сива листа“ поради недоволно исполнување на даночните критериуми, во прашање се технолошко-индустриските развојни зони, јави дописничката на МИА од Брисел.
Советот на ЕУ вчера ја стави Северна Македонија на сива листа на земји кои имаат потенцијално штетни даночни режими. Во македонскиот случај, како што објаснуваат во Брисел, ова се однесува на технолошко-развојните индустриски зони.
Одлуката на ЕУ се базира врз анализите на Организацијата за економска соработка и развој која претходно ги стави овие зони во проблематична категорија, нагласувајќи дека тие содржат потенцијално штетни особини.
Со ова, Северна Македонија се наоѓа во списокот на земји кои не ги исполнуваат сите меѓународни даночни стандарди, но кои се заложиле дека ќе ги донесат потребните измени за да се усогласат со бараните критериуми на меѓународно ниво.
Списокот на земји и територии кои не ги исполнуваат даночните стандарди се ажурира два пати годишно во ЕУ.
Од Министерството за финансии, во одговорот што МИА, истакнуваат дека Република Северна Македонија е на листата на кооперативни јурисдикции за даночни цели и во овој процес што го спроведува Советот на ЕУ е вклучена од 2017 година. Согласно предвидените критериуми се изготвуваат две листи – листа на земји кои се кооперативни јурисдикции за даночни цели и кои имаат дадено заложба за спроведување на добри даночни пракси, каде и припаѓа С. Македонија, како и листа на земји кои се некооперативни.
– Согласно ова сакаме да нагласиме дека не постојат „бела“, „црна“ или „сива листа“. Република Северна Македонија е дел од земјите кои се на листата на кооперативни јурисдикции за даночни цели и во овој процес што го спроведува Советот на ЕУ е вклучена од 2017 година. Имено, процесот претставува следење на спроведување на изразената заложба на земјата за имплементација на добри даночни пракси и стандарди. Воедно, во рамки на овој процес во кој што е утврдено дека Република Северна Македонија е кооперативна јурисдикција за даночни цели, истата во 2021 година ја изрази својата заложба да направи измени на Законот за технолошко индустриски развојни зони во врска со општите услови за доделување на државната помош на дејностите од областа на информатичката и комуникациската технологија (ICT дејности), односно услужните дејности за обезбедување на нематеријални добра, до крајот на 2022 година, појаснуваат од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека земјава е секогаш вклучена во конструктивен дијалог со Европската Унија и оти континуирано ги следи и имплементира меѓународните даночни стандарди.
– Република Северна Македонија ги исполнува сите меѓународни стандарди за оданочување и ги имплементира истите, а како резултат на овој процес во август 2018 година стана 117-та земја членка на BEPS (Ерозија на даночна основа и пренесување на профит). Дополнително, ја потпиша и ратификува Мултилатералната конвенција за заемна административна помош за даночни прашања (MAC), која што стапи во сила на 1 јануари 2021 година, велат од Министерството за финансии.












