Европската комисија вчера ги предаде преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија до Советот на ЕУ (земјите членки на ЕУ).
Премиерот Спасовски на денешната прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров, изјави дека со тоа е остварена многу важна етапа во процесот на пристапување на членството на Македонија во Европската унија.
„Оваа радосна вест од вчера дојде по одлуката на Советот на ЕУ за почетокот на преговорите за членство за нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година, и процесот ќе продолжи уште во текот на наредната недела со дебата по рамката за преговорите на експертското ниво и со чинот на нејзино усвојување од државите членки, со што и преговорите формално можат да започнат. Преговарачката рамка на Европската комисија во рамките на предвидената агенда е уште еден силен доказ дека Северна Македонија прави силни и цврсти чекори на својот европски пат. Тој пат носи и обврска за нас уште порешително и суштински да обезбедиме континуитет на реформите, владеењето на правото, економскиот развој, здрава животна средина, европско земјоделство и европски шанси за подобар живот на сите македонски граѓани во сопствената земја“, изјави Спасовски.
Спасовски додаде дека пред нас се чекори кои целосно го забрзуваат целиот процес на европеизација на сите сегменти во нашето општество.
„За само три години покрај реформите дома, нашата земја направи повеќе историски чекори на меѓународен план, ги направивме според највисоките стандарди на дипломатијата и меѓунардоната политика. Ретко кој во регионот покажал такви државнички перформанси, особено за земја која до 2016 година беше оценета како заробена држава“, додаде Спасовски.
Министерот Димитров истакна дека Европската комисија ја исполнила својата задача и врз основа на новата методологија предложила преговарачка рамка која е поконкретна, подинамична и поверодостојна, која на земјите членки дава простор да учествуваат и тие директно со свои експерти во преговорите и контрибуции кон извештаите за напредокот.
„Уште идната седмица по информации што ги добивме од Брисел, на експертско ниво, ќе се отвори првата расправа каде овој документ ќе оди околу масата за први видувања на земјите членки. Ние не можеме да не се радуваме на чекорите напред по 15 години чекање како земја кандидат од 2005, време е и ние конечно да си ги засукаме ракавите и да го искористиме овој процес за европските стандарди да си ги донесеме дома“, изјави Димитров.
Тој додаде дека по усогласување на преговарачката рамка и нејзино усвојување од Советот на ЕУ следи првата меѓувладина конференција, која е првиот конкретен чекор и форум за политички и реформски дијалог меѓу нашата земја и ЕУ.
„Првото поглавје што ќе се отвори ќе биде поглавјето за основни вредности, таму е владеењето на правото, фундаметалните права, безбедноста, финанскиската контрола, јавните набавки, статистиката економските реформи и функција на демократските инстиуции и јавната администрација, клучни се и за нас и чекаме да почне овој дијалог“, додаде Димитров.
А. П.