пишува: архитект ДАНИЦА ПАВЛОВСКА ЦИГИ
Во ова време на посакувани реални промени во функционирањето на ориентации кон профит на мали групи поединци со запоставување на јавните интереси и јавните добра, треба да се делува, да се пишува, да се зборува…Особено е важен третманот на нефункционалните (напуштените) јавни објекти кои се урбано и културно наследство, а за кои разумот побарува решение. Oдговорен цивилизациски однос кон создадените вредности мора да се гради и негува. Може со реконструкција или ревитализација или реставрација или со пренамена на нефункционални објекти мудро да оствариме нови урбани квалитети.
Постојат многу светски практики и успешни тематски проекти за реанимација на девастирани простори токму со јавни намени најчесто со културолошки содржини. Логично и природно е да отпочне и кај нас еден поширок системски зафат за нивно осмислување и ставање во функција. При тоа, секако, да се користи принципот на циркуларна економија како затворен систем на искористување, односно реискористување на ресурсите со кои се располага. Процесот по својата суштина му припаѓа на одржливиот развој со нагласени културолошки, социолошки и еколошки димензии и со соодветен современ пристап би трeбало да ги анимира сите што се на фронтот за поквалитетна иднина на нашата заедница. Пренамената како принцип не е некоја голема иновација, но е модел преку кој се обезбедува одржливоста на урбаните средини и се подобрува квалитетот на урбаното живеење. Особено е важна граѓанската инклузивност во одлучувањето и остварувањето на било кое предложено ревитализирање, реактивирање, реанимирање на “мртви“ простори во било кој урбан контекст.
Впрочем, со својата Иницијатива на оваа тема Асоцијацијата на архитекти на Македонија го означи влогот на стручната јавност со сето свое знаење, капацитети и умешност. Топло ја поздравувам и сесрдно подржувам, но се очекува да подржат една таква тематска акција сите одговорни институции за градење на јавни политики, општествено одговорните субјекти и граѓаните во целина за да се добие соодветен колективен исказ на поддршка. Поднесената Иницијатива на ААМ е поткрепена со листа на објекти и места погодни за интервенции ревитализација со пренамена а за некои од нив дури постојат сериозни размисли и конструктивни предлози за нови функции. Актуелизирана и приоритетна на таа листа е секако, Шалтер салата на Централната Пошта во Скопје – објект прогласен за загрозен пример на бруталистичка архитектура. Во тек е постапката за одредување на посебен третман на овој објект, а неговата валоризација и значење се потврдени. Но, особено е важно во ова деликатно време на ослабена економија да се препознае можноста за партнерства со приватниот сектор во реализација на овие определби, ориентации и политики на повторна употреба на урбани простори.
Со мобилизација на повеќе заинтересирани субјекти ќе ја провериме моќта да ја додадеме новата смисла на автентичноста на Шалтер салата како оживеано културно наследство. Во моментов го правиме првиот чекор на физичката реставрација на оваа вредна архитектонска творба, но мора да се размислува за внесување на вистинскиот живот на објектот, негова развојна компонента и негово “пулсирање“ во културното живеење на Градот како иден Европски град на културата. Радоста на архитектите ќе биде комплетна само ако заедно со граѓаните оствари нова урбана вредност. Во овој случај не смее да се дозволи некое “евтино“ брзо решение туку да се покрене широка дебата за соодветно зачувување на овој идентитетски елемент на градот како негов жив дел, на пример во тој флексибилен простор да се инсталира и да пулсира еден нов културен центар. Потребни ни се вакви проекти како “лек“, како надеж, како новина…
Евтино.