Министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска говореше на Панел дискусијата насловена како „На вратата на НАТО: Осврт на актуелните предизвици во проширувањето“ во рамки на Минхенската безбедносна конференција.
Шекеринска рече дека со влезот на нашата земја во НАТО значително се засилува безбедноста на овој дел од Европа, и дека двете влади покажаа дека разликите меѓу државите најдобро се решаваат низ политички дијалог и договор.
„Само пред една година влезот на мојата земја во НАТО беше незамислив и за многумина дури и невозможен. Но, сепак се случи. Меѓународната заедница ја препозна одговорноста и храброста на владите на двете земји и им даде силна поддршка“, рече министерката.
Шекеринска посочи дека со влезот на Република Северна Македонија во НАТО е разрешено едно од најважните безбедносни прашања во регионот со што значително се засилува безбедноста во овој дел на Европа.
Министерката вечерва ќе присуствува на свечената церемонија на доделување на наградата „Евалд фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, која ќе се одржи во рамки на гала вечера чиј домаќин ќе биде премиерот на Баварија.