ОДБРАНА: Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во седиштето на НАТО во Неапол, Италија каде ќе има средби во Сојузничката команда на Здружените сили на НАТО. Министерката ќе има тет-а-тет состанок со првиот човек, командантот на Сојузничката команда, адмирал Роберт Бурк.
КУЛТУРА: Денеска прес-конференција ќе одржи министерката за култура Ирена Стефоска по повод почнување на конзерваторски работи на скопскиот Аквадукт.
ВАКЦИНАЦИЈА: Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 733.226 граѓани.
КОНФЕРЕНЦИЈА: На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска ќе биде одржана 8-та Меѓународната научна конференција „Општествени промени во глобалниот свет“. На конференцијата ќе учествуваат министерот за правда Бојан Маричиќ, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер – Дамјановска и претставници на УГД, на Правниот факултет од Ниш и на други образовни институции.
ИНФОРМАТИКА: Министерот за локална самоуправа Горан Милевски ќе присуствува на панел дискусијата „Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните“, организирана од Фондација за слободата „Фридрих Науман“, Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис и Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИССХС),што ќе се одржи денеска во Скопје.
СТИПЕНДИИ: Министерството за образование и наука соопшти дека во тек е аплицирањето на новите конкурси за доделување на средношколски стипендии за учебната 2021-2022 година, како и поднесувањето документи за обнова на правото на стипендија за тековните корисници кои истото го оствариле во некоја од изминатите учебни години, а исполнуваат услови за продолжување.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.












