Пред точно шест години, стотици граѓан(к)и, новинари и граѓански активисти беа спречени од страна на полициски сили да одржат мирен протест пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност, поради казнувањето на новинарот Томислав Кежаровски.
Иако протестот беше уредно најавен, демострантите беа спречени да се доближат до зградата на Музејот најпрво со поставени огради на сите приоди до него, а потоа и од специјалците, со пресретнување, оттурнување со штитовите и со извлечени пендреци.
ЦИВИЛ тогаш поведе меѓународна кампања под називот КЛИКНИ ЗА СЛОБОДА, заедно со „Репортери без граници“ – Германија, N-ost – Мрежа за известување за Источна Европа и Балканската истражувачка репортерска мрежа. Во заедничка реакција, овие организации оценија дека апсењето на Кежаровски е замислено со цел да го заплаши него, но и сите останати медиуми. Беџеви со слоганот Je suis Kezharovski, „Слобода за Кежо“ и други слогани се носеа низ целата земја. Тој стана еден од симболите на македонското новинарско востание.
„Апсењето на новинар затоа што го остварува неговото уставно право да ја информира јавноста, не е само нелегално, туку и целосно некомпатибилно со европските стандарди“ и е „само уште една од серијата практики на власта со кои влијае на слободата на медиумите на еден крајно негативен начин“, порачаа тогаш четирите организации.
Пред две години Кежаровски ја промовираше својата книга „Живот во кутија“, на чија промоција беа присутни сите пријатели на Кежаровски. Книгата на Кежаровски е многу повеќе од сведоштва за хоророт на Кежаровски и на неговото семејство.
Оваа книга е сведоштво за едно време во кое се изгубија сите вредости на ова наше метастазирано општество, сведоштво за еден систем од кој мора да се отарасиме, што поскоро. За никогаш повеќе да не се повтори…
„Книгата ја напишав да испратам јасна порака до политичарите и до обичниот човек. Живеевме во осум квадрати, со месеци, четворица. Различни по образование, по националност, по возраст, по секој поглед различни. Но, тоа не ни даде повод да се расправаме меѓу себе. Ако ние можевме да живееме во осум квадрати, во Македонија има простор да живеат два милиони луѓе“, рече новинарот Томислав Кежаровски во емотивниот говор за време на промоцијата.
На 3 септември судот донесе одлука дека на новинарот Томислав Кежаровски нема да му се суди за случајот „Ликвидација“, поради застарување на кривичното дело. Судењето запре и за поранешниот истражен судија Валентин Зафиров, за адвокатот Сашко Лазаров и за Јане Павловски – Тица.
„Во 2013 година ме осудија на 4,5 години затвор, во 2015 Апелација кажа „само“ 2 години… А денеска обвинителството „на Рускоска“ ме осуди на казна – ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР… Само го разбудивте ѕверот во мене… Ви се колнам…
П.С. Ви благодарам од срце на сите за поддршката што ни ја давате… Јас, ве уверувам, НЕ СЕ ПРЕДАВАМ!“, напиша новинарот Томислав Кежаровски, откако обвинителството одлучи дека нема да има повторно судење за „Ликвидација“ поради застареност на делото.
Реакцијата на Кежаровски се должи на фактот што со оваа одлука на обвинителството тој нема можност пред судот да ја докаже својата невиност, односно да ја докаже погрешната одлука за негово притворање, како и за голготата низ која поминуваше неговото семејство.
М. Ивановска