Categories

ЕКОЛОГИЈА Што е еколошка правда?

„Што е еколошка правда?“ беше прашањето  што ЦИВИЛ Медиа им го постави на граѓанките и граѓаните во Скопје со цел да се запознае делумно не само со познавањето туку и свесноста за заштита на животната средина.

Сепак, заклучокот е дека граѓанките и граѓаните не се запознаени со терминот, но се обидоа да дадат одговор преку поврзување на екологијата и правдата како поединечни термини.

„Еколошка правда е луѓето и растенијата да имаат подеднаков третман. Во Македонија нема еколошка правда. Потребно е да се промени свесноста на луѓето“, изјави една од соговорничките.

Дека меѓу граѓаните не се зборува за проблемот со заштита и зачувување на природата во судир со економските и социјалните интереси, укажува образложението на еден граѓанин кој не знае што е еколошка правда, но дава свое видување за општествените приоритети.

„Не знам. Мене ме интересира да јадам, да пијам и љубовта. Што од политиката?… Сакаат да ја расипат оваа убавина тука во Македонија. Треба да мислат на овие луѓе овде. Видовте што се случи пред неколку години во Хрватска… тие ќе јадат и пијат, а ние ќе се мразиме… Треба да одиме во Европа. Зошто да имате бугарски пасоши, Македонци сме… јас сум роден Македонец и како Македонец ќе умрам “, изјави еден граѓанин.

Еколошката правда во Македонија се сведува повеќе на законските и правни регулативи, но без можност граѓанките и граѓаните да имаат корист од нив. Тоа најмногу се должи на недоволното запознавање и едукација за подигање на јавната свест.

Еколошката правда во поширока смисла претставува правда за животната средина, но ја подразбира и праведноста на односите меѓу луѓето и другиот дел од природниот свет.

Концептот на еколошка правда се базира на екоцентричниот пристап што подразбира да се дејствува во обезбедување корист за животната средина сама по себе, односно крајната инстанца се интересите на животната средина.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email