Во изминатите пет работни дена, во рубриката СЛОБОДНА ЗОНА на ЦИВИЛ Медиа пишуваа Сашо Орданоски, Војо Маневски, Петрит Сарачини, Дехран Муратов, и Џабир Дерала. Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа подготви петдневен преглед, со одбрани извадоци од колумните.
„Во историјатот на македонските оставки – покрај рецентните на Илир Хасани, заменикот министер за здравство, и двајцата директори на Тетовската болница – уште се бележи и онаа на Агрон Буџаку, тогашниот потпретседател на ДУИ, кој самиот во декември 2004 година одби повторно да биде министер и во новата влада на Бучковски, по премиерската оставка на Костов, кога своето повлекување го образложи со зборовите дека се работи за „бескрупулозна кампања на бившиот премиер Хари Костов поддржана од медиумите на македонски јазик“ што „создаде една ситуација во која јас станав објект на напади и деградирање“ (во врска со аферата „Парцела на плоштадот Македонија“), како и за да овозможи „на органите на правдата да ја осветлат до крај вистината, за да не се кријам преку формалниот имунитет како член на влада, за да ги ослободам од монтираната хипотека посебно членовите на извршната власт на ДУИ и воопшто ДУИ како партија“. Патем, барања за оставка на Буџаку, како министер за транспорт и врски, се спомнуваа и по трагедијата кај Мостарскиот аеродром со авионот на претседателот Трајковски, во која загинаа тој и уште осум сопатници, но ни министерот, ниту некој друг висок службеник на државата, тогаш се повлекоа од функција.“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Куса историја на македонскиот политички (не)морал“.
„Советот има три комисии кои со закон се задолжителни, но има право да формира дополнителни тела кои ќе помагаат во донесувањето на одлуките. Тоа значи дека за успешно работење на Советот треба да се предлагаат кандидати, кои за областа за која ќе донесуваат одлуки треба да имаат елементарни познавања. Затоа и одлуките на комисиите на пленарните седници скоро и без исклучок се прифаќаат. Има комисија за здравство во Советот на Штип и сега ќе изгледа како семинар по зададена медицинска тема. Нашиот менталитет нашол излез и за таква состојба, лекарите во комисија за урбанизам, а музичарите во комисија за финансии и сѐ така по испробан метод. Одлуките остануваат на администрацијата каде се употребува истиот термин „советник“, пишува Војо Маневски во колумната „Советничката листа како „Мој термин“.
„За реакциите на општата, непартиска јавност, пак, можеме само да нагаѓаме, бидејќи нема релевантно истражување за тоа како и каде сега се движат трендовите во јавноста, но ситуацијата добива на дегутантност и поради, од една страна, бројните стории за низа болнички искуства на пациенти и нивни роднини во борбата со ковидот, но и заради голата борба на политичарите за освојување на власта. Играњето со емоциите на гласачите – тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, во недостаток (сѐ уште, истрагата е во тек) на елементи за фактичка вина на Филипче – е секогаш деликатно, па затоа и опасно морално-политичко оружје коешто неретко знае да го отепа оној што во политиката посегнува по него. На крајот, јавноста, сумарно, има подобро чувство за прашањата на достоинството и мерката на пристојност од вревата на партиските машинерии и нивните пропагандни кампањи.“, Сашо Орданоски во колумната „Кој си игра со емоциите, на крајот од емоциите (политички) и гине“.
„По пожарот во болницата во Тетово кој одзеде 14 животи, од секаде ечи зборот – одговорност. Јавни личности од политиката, медиумите, од економскиот и општествениот живот, инфлуенсери на социјалните мрежи – сите зборуваат за одговорност. И со право. Одговорност треба и мора да има.
Но, каква и на каков начин? По принципите на демократијата, правото и правдата, или по оние на сезнајната толпа за линч на социјалните мрежи?“, пишува Петрит Сарачини во својата колумна „За одговорноста и притисокот од јавноста‘’.
„Завршната турнеја на Ангела Меркел на Балканот, со бирање на Белград и Тирана како места за значајни политички владини и невладини средби – веројатно тој „прелет“ од Србија и Албанија преку Косово е пораката што германската канцеларка на заминување сака да ја испрати за затворањето на најгорливото статусно регионално прашање – е голем гест на еден од најважните светски политичари на современата европска и глобална политика. Во целиот свој речиси дводецениски канцеларски мандат, Меркел со посветеност ги следеше случувањата на Балканот, во својот препознатлив, „пригушен“ лидерски манир: без многу сликања и снимања, без ексклузивитети и паради, но со време и трпение да ги ислуша сите разумни страни во споровите за недоразбирањата што ги брануваа регионалните политички и општествени „води““, пишува Сашо Орданоски во „Данке Дојчланд за „мама Меркел“!’’
„Сè понервозни стануваат „левичарите/десничарите“ бидејќи тешко им оди пропагандата (читај кампањата) да не се попишуваат граѓаните, односно да „не ја отвараат вратата“.
Вратата, речиси во секој дом е широко отворена за попишувачите, и за само неколку дена, над пола милион граѓани се попишаа на пописот, изјавија од Државен завод за статистика, која е релевантна институција за спроведување на пописот“, коментира Дерхан Муратов во „Големи десничарски желби во мали левичарски чевли’’.
„Пописот, имено, е одлична илустрација за ова: без значајни компликации, до викендов ќе се попише половина нација, и „предавниците“ и „патриотите“ ќе бидат уредно регистрирани. ДСЗ инсистира граѓаните да ги легитимираат попишувачите и, доколку сакаат, да проверат што е запишано во пописниот лист. Предвидувањата се дека никакви посебни и големи изненадувања во статистиките нема да се случат, а долго одложуваните пописни податоци ќе помогнат во многу области за уточнување на државните и други политики. Така, барем за Пописот, „крајот на светот“ е одложен на неодредено време.“, Сашо Орданоски во колумната „Попис: Крајот на светот е одложен на неодредено време“.
„Основата за развојот на локалната самоуправа, но за нејзиното функционирање како простор во кој се одвива животот на граѓаните е токму урбанистичкото планирање. Функционирањето на правната држава е директно поврзана со урбанистичките одлуки. Последиците се илјадници дивоградби и нефункционална животна средина и помали приходи во касата на локалната самоуправа. Како причина за големиот број дивоградби и урбанистичкиот хаос, што од тоа произлегува, не е само желбата на граѓаните да го избегнат плаќањето на комуналните давачки или да узурпираат нешто што не им припаѓа.“, Војо Маневски во колумната „Дупови и дупки“.
„И ништо од ова немаше политички вака да се компликува, доколку Мицкоски му се извинил на Села, макар и приватно, човечки. Немаше Села сега да изигрува (лош) адвокат на Мицкоски, девалвирајќи ја својата (а и нашата) интелигенција. На пример, ако од Филипче и двајцата овие лидери интензивно бараат оставка за трагедијата во Тетовската болница, со сите разбирливи морално-политички и предизборни контексти, белки едно искрено извинување на Мицкоски до Села за настаните во Собранието на 27 април, со сите разбирливи морално-политички и предизборни контексти, не е премногу да се очекува? Барем од самиот Зијадин Села…“, пишува Сашо Орданоски во „И Села сит и Мицкоски на број?’’
„Во малото кралство на Мицкоски, тој е врховниот судија и може со една реченица да осуди луѓе на десетици години затвор и да каже дека истрагата во која учествуваат германски истражители не е објективна. Нему му се важни оставките. Тој се гади од Заев. И ќе победи на изборите, како и на сите избори до сега.
Бидејќи е сеприсутен, тој „знае“ дека пописот нема да биде успешен. Вели дека „има многу турбуленции“. Ништо не чини во тоа мало кралство каде што овој оклопен витез се бори за човечките правдини. И тој е решението за сите проблеми. Заедно со своите штитоносци, се разбира“, читајте во едиторијалот „Храбриот витез кој „хируршки прецизно“ ќе ги отстрани владата и институциите” на Џабир Дерала.












