Следно, постојаните претставници на 29 земји-членки на НАТО треба да го потпишат Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија, а тој треба да биде ратификуван и во парламените на нивните земји.
Според најавите, овој Протокол во НАТО ќе се објави по „процедурата” на молк и во Брисел веројатно ќе биде на амбасадорско ниво, а не на ниво на министри со цел да се добие во време. На потпишувањето се очекува да биде македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Откако Грција ќе го ратификува пристапниот Протокол со гласање во Парламентот, Договорот од Преспа стапува во сила.
Додека трае ратификацијата во парламентите на 29-те членки, Македонија ќе учествува во процесите во Алијансата, ќе добие столче, но без право на глас.
По ова следува поканата за пристапување која на Македонија ќе и ја упати генералниот секретар на НАТО, откако сите членки ќе ги известат САД, како депонент на договорот, дека го ратификувале пристапниот протокол. Последниот дел од пристапувањето е Македонија и самата формално да го прифати пристапувањето во НАТО, со референдум или со гласање во Парламентот, а оваа одлука ќе му ја испрати на американскиот Стејт департмент, каде што се чува Вашингтонскиот договор со што и формално станува членка на НАТО.
Веднаш по стапувањето во сила на Договорот од Преспа, откако пристапниот Протокол ќе помине во грчкиот Парламент, Македонија, според Договорот треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа спогодба и потоа ќе побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат името и термините Република Северна Македонија или скратено Северна Македонија за сите намени и цели.
Двете Страни, и Грција и Македонија, исто така, ќе и се обраќаат на Македонија со тие имиња во вкупната комуникација кон, со и во рамките на таквите организации, институции и форуми.
Македонија, исто така треба да ги извести ситe држави – членки на Обединети нации за влегувањето во сила на оваа спогодба и ќе побара од истите да го прифатат и да го користат името Република Северна Македонија или Северна Македонија за сите намени и цели, вклучително и во сите свои билатерални односи и комуникација.
„По влегувањето во сила на оваа спогодба, Македонија веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат името и термините од оваа спогодба во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали”, предвидува Договорот.
Исто така, во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Македонија ќе треба да го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Грција, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.
Веднаш по влегувањето во сила на Договорот и двете земји ќе го подигнат нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина во амбасади, а Канцелариите за конзуларни, економски и трговски работи во Солун и во Битола ќе станат генерални конзулати.
Со имплементацијата на Договорот од Преспа, граѓаните ќе имаат рок од пет години да ги променат своите лични документи, каде ќе стои новото име на државата „Република Северна Македонија“, а со новите амандмани во нив ќе стои и етничката припадност на малцинските заедници.
М. И.