Грчкиот премиер Алексис Ципрас му честиташе на македонскиот премиер Зоран Заев за одобрувањето на уставните амандмани потребни за промена на името. Тој ја изрази и неговата волја да се бори за договорот во грчкиот парламент.
„Дозволете ми, во овој момент, за првпат по Договорот во Скопје, да му честитам на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, за храброста што ја покажа од самиот почеток до крајот на овој процес“, рече Ципрас.
Оставката на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос и ставот на Независни Грци да не го гласаат договорот од Преспа, само за кратко внесоа немир кај политичката елита во земјава. Премиерот Ципрас, кој побара да се гласа за доверба на неговата влада, неофицијално има обезбедено мнозинство во парламентот, што би значело дека ќе го преживее гласањето за доверба и ќе се изгласа решението за името. Тоа, според најавите, треба да се случи кон крајот на месецот со што завршува најголемиот дел од обврските по Преспанскиот договор.
Но тој нема да биде „жив“ сè додека парламентот во Атина не го ратификува и протоколот за членство на Македонија во НАТО. Ципрас вели и тоа ќе се случи, ама малку подоцна поради технички причини. Веднаш потоа, земјите членки на НАТО ќе добијат известување дека договорот стапува на сила и тие ќе можат да ја викнат Македонија да им се придружи.
Доколку работите во Грција не бидат како што предвидува Ципрас, договорот од Преспа не важи, и покрај тоа што Македонија ги прифати уставните измени. Се враќаме на старо и сè ќе биде исто како што беше пред Никола Димитров и Никос Коѕијас да стават параф на решението во Мала Преспа.
Придавките „македонско, македонски, македонско“ во имињата на државните институции ќе мора да се променат во духот на договореното и на крајот од имињата ќе се додаде „на Северна Македонија“. Личните карти, пасошите, возачките дозволи, како и другите лични документи не мора веднаш да се менуваат туку по истекот на нивната важност, но не подоцна од пет години по стапувањето во сила на уставните измени.
Кодовите на интернет и секаде каде што е предвидена нивната употреба ќе останат МК и МКД, а на регистерските таблички ќе стои NMK (North Macedonia – Северна Македонија на англиски јазик).
Грција и Македонија во јуни минатата година постигнаа договор за промена на името во Северна Македонија. За возврат, Грција ќе ги укине нејзините забелешки за приклучувањето на земјата во НАТО.
Д. М.