Мувлата ќе ти успее да ја избришеш од ѕидот, односно да ја прикриеш, да не се гледа толку многу. Но, за жал на тоа место ќе остане флека. Флеката не ќе можеш да ја отстраниш, таа е закоравена таму. Треба многу посветена работа за тоа да го решиш.
Таа флека се‘ додека е таму ќе те потсетува дека, колку и да се обидуваш површно да бришеш, чистиш, камуфлираш, тука нешто не е во ред. Постојано мувлосува. Затоа најди начин, реши го проблемот од корен и не дозволувај веќе никогаш мувлата да се појави.
* * *
Сабота е идеален ден да се оди на пазар. Лично јас уживам во сабота да одам на пазар. Таму се среќавам со половина од маалото во кое живеам се отпоздравуваме со она „Здраво комшија“, „Како иде комшија“. Исто така уживам и кога купувам од тезгите, уживам да се „ценкам“, а меѓу другото, можеби и што е најважно сакам и да готвам, односно готвам, таква личност сум. На пазар се продуктите, барем според мене најверодостојни за подготвување на еден попладневен ручек. Не сум некој особен експерт во готвењето, едноставно сакам да сум во кујна, да експериментирам со продуктите. Гастрономијата за мене е уметност, а и не само за мене е уметност. И додека се „ценкам“ по тезгите ми ѕвони жена ми која ми порачува бурек да и донесам за појадок на враќање од пазар. Знае дека сум на пазар и знае, а во близина на пазарот се наоѓа нашата семејна омилена бурекчилница. Нема како тоа да го скокнам. Испазарив се’ што беше потребно и веднаш појдов до бурекчилницата. Влегов.
„Бурекот ќе е готов за половина час, само што го ставивме, се‘ се потроши од сабајле“ ми вели женичката која работи таму и додава: „Дојди за триесет минути, таман врел ќе биде“.
Знае дека само од кај нив купувам, знае дека нивните продукти ми се омилени па од тие причини и ми рече да се вратам за половина час.
Близу до бурекчилницата се наоѓа обложувалница. Немам обичај да одам по обложувалници или пак кога одам тоа го правам само за викенди да се видам со другар ми Филип или со некој мој друг близок пријател. Во обложувалници најдобро општиме, а и знаеме да напишеме по некое ливче. Зошто да не. Овој пат, додека го чекам бурекот за жена ми влегувам сам. Обложувалницата е речиси празна. Во неа сме; двајца пензионери, човекот кој работи зад пултот, девојчето кое прави кафиња и јас. Седнувам.
„Ќе се напиеш нешто“ ме прашува девојчето.
„Еспресо“ и’ одговарам.
Во обложувалницата развиена е дебата за вакцинирањето. Тема периодов и тоа како актуелна кај нас. Да се вакцинираш или не, прашање е сега. Едниот пензионер ја поддржува кампањата за вакцинирање, другиот е против, исплашен од сите оние антиваксерски кампањи. Се развива дебата во која се наддаваат двајцата возрасни господа без застанување. Едниот вади факти, дека е во ред да се вакцинираат децата, и другиот вади факти да не се вакцинираат додека не се осигураат сите потребни доказни материјали дека по вакцинирањето се’ ќе биде во ред со децата. И едниот и другиот се во право. Никој не е ниту да го обвиниш, ниту пак да го кудиш.
„Јас моите внуци ќе ги вакцинирам“ вели едниот. „Вакцините не се опасни, гледаш ли дека излегуваат јавно луѓево и не’ убедуваат дека сè е во ред. Зошто сметаш дека некој би бил толку вон себе и би изложил цела една генерација на дечиња на ризик?“
„Јас моите нема да ги вакцинирам, пак ќе ти кажам, додека не се убедам дека се е во ред не одам на вакцинирање“ вели другиот. „Исплашен сум. Ете, толку е едноставно.“
Незабележително се вклучува и човекот кој работи зад пултот, оној, кој ги куца ливчињата кои луѓето ги пишуваат во обложувалницата, кој патем ми се обраќа мене:
„До кога бе, до кога бе друже, до кога ќе биде вака. Знаеш ли?“
И одеднаш гласно пресече еден од двајцата возрасни.
„Пак се поделивме, односно, пак не’ поделија. И ова не е од сега. Секогаш имаат одличен метод за да не’ манипулираат. Во оваа држава луѓето дур да трпнеш веќе се поделени на две, без разлика која е темата. Едно време, не знам дали ти текнува имаше и контрапротести. Замисли измислија и контрапротести, демек демонстрација за поддршка на владата, се јавуваа луѓе контра граѓанското тело не задоволно од тоа како владата ја води државата, односно оние кои треба да не’ држат живи сите тука. За време на нивното владеење не’ утепаа, да бидеме реални. Не’ поделија на наши и ваши, на патриоти и предавници, на името не го даваме и издаици. Човече, колку малку им треба да не’ отуѓат едни од други, да не’ раскараат, да не’ уништат. Па ние денес живееме во држава, ма каква држава, во град, ма каков град, во населба … дури и во влез во кој на еден елементарен куќен совет комшии меѓусебно ќе се изедат за тоа кој што треба да плаќа за одржување на влезот, ќе се испозаколат меѓусебно за тоа кој не платил на време. Јас сум дури и убеден дека нема никакво поврзаност со плаќањето во влезот сето тоа има единствено врска со политичката поделеност која ја инфицираше оваа држава во последниве десетина години. Успеаја да не’ поделат и на еден елементарен куќен совет да се изедеме меѓусебно, комшии кои и повеќе од четириесет години живееме во заедница. Е, до таму е дојдена работава“.
Настапи молк. Во обложувалницата влезе женичката која работи во бурекчилницата.
„Комшија, бурекот ќе ти се олади“ ми рече „Се заборави. Интересна тема има секогаш тука, знам“.
И потоа до мене веднаш стигна девојчето кое прави кафиња.
„Сакате шеќер во кафето“ ме праша.
„Може да го земам кафето за надвор“ ја прашав.
„Се разбира“ ми рече и брзо ми го спакува за надвор.
До бурекчилницата која е оддалечена на само триесетина метри од обложувалницата одевме заедно со продавачката. По пат таа ми рече:
„Комшија, виде ли бе дека скоро 88% од граѓаниве сакаат да се иселат од државава“
„Не“ и’ реков, и додадов. „Мора да е некоја забуна комшике. Па не ваљда дека сакаме сите да си одиме од тука?“
„Не, бе комшија, не е забуна. Сите сакаат да си одат. Не сите. 88% од нас.“ рече женичката.
До бурекчилницата одевме пеш. Молчевме. Кога влеговме во бурекчилницата која патем беше преполна од радиото свиреше песната „Шуд ај стеј ор шуд ај гоу“ од познатиот англиски панк бенд – Д’ Клеш.