Шведска отпушти 4.500 државни службеници на шведската јавна служба за вработување (Arbetsförmedlingen) во само еден ден, во средата (30 јануари). Причините за најголемото отпуштање во државниот сектор во историјата на Шведска е едноставна – буџетско штедење и сеопфатна реформа на пазарот на трудот. Сега, илјадници службеници на државната служба за вработување ќе се преселат на другата страна од шалтерите во институцијата во која работеа до вчера.
„Ова е многу тешка одлука“ – изјави шефот на шведската јавна служба за вработување, Микаел Сјоберг.
Државниот буџет за 2019 година, што го усвои шведскиот парламент во декември, предвидува и скратување на платите на дел од администрацијата во вредност од над 80 милиони евра, додека на програмите за вработување ќе им бидат скратени над 330 милиони евра.
Јавната служба за вработување, во 240 канцеларии низ цела Шведска, вработува околу 13.500 луѓе, што значи дека оваа државна институција ќе отпушти од работа една третина од сегашната работна сила. Сите вработени, сепак, ќе останат на своите работни места до април, односно до завршувањето на преговорите меѓу синдикатите и работодавачите околу условите за отпуштањата.
Реформите првенствено ќе одат во правец на дигитализација и повлекување на јавна служба за вработување како активен учесник во вработувањето. Комуникацијата со невработените во иднина ќе се одвива преку Скајп или други канали за видео комуникација, што значи дека барателите на работа ќе можат да комуницираат со службите од своите домови, без оглед на тоа дали се оддалечени со стотици километри. Во реформата спаѓа и зајакнување на улогата на приватните компании што се занимаваат со човечки ресурси, додека државната агенција ќе ја задржи контролната функција и ќе биде одговорна за рамноправноста и еднаквиот пристап до пазарот на трудот, а ќе го стимулира и вработувањето на младите луѓе без средно училиште и новодојдените странци.
Стапката на невработеност во Шведска во моментов изнесува околу шест проценти. Меѓу граѓаните родени во Шведска, невработеноста е само 3,6 проценти, практично, работат сите што сакаат да работат, додека стапката на невработени меѓу дојденците е 19,9 проценти.
подготви: Џ. Д.