Премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ за направената штета во МНТ од навивачката група „Шверцери“, изјави дека истата изнесува 3.965 евра и дека кога ќе се утврди одговорноста, тогаш материјалната штета ќе се недомести.
Тој истакна дека поголема штета од материјалната е духовната, дека МНТ е отворен за сите, но дека се знае под какви услови.
„Столици, наслони, откорнат тапацир 5 парчиња, ногарки 155 парчиња, вкупна штета 3.000. Плус парапет на прва галерија и украсни лајсни 10 метра, 240 евра. Орнаментни бордури, 200 евра, пет искршени подни светилки, теписони, дупки од отпушоци, 400 евра. Вкупната штета е 3.965 евра. Не смеат ниту материјалните ниту духовните добра да бидат допрени, оштетени или омаловажени“, изјави Заев.
Али Ахмети, лидерот на ДУИ, денеска изјви дека немало ништо спорно во тоа што „Шверцери“ одржале прослава во МНТ, а одговарајќи на новинарско прашање рече дека нивната намера не била да предизвикаат штета или вандализам.
„Што се однесува до материјалната штета на театарот, тоа е друго прашање што ќе го процени Министерството за култура, но не мислам дека луѓето отишле таму за да предизвикаат штета или вандализам“, додаде Ахмети.
Навивачката група „Шверцери“ минатиот петок во МНТ одбележуваа 30 години од формирањето.
А. П.