Уште пред да ја добие внатре партиската битка, ако воопшто ја добие, Гордана Силјановска, една од пријавените во огласот на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател на државата, одлучила да ги следи чекорите на актуелниот контроверзен претседател Ѓорѓи Иванов. На нејзината Фејсбук страница, Силјановска објави слика каде го пречкртала зборот Северна од новата табла со името на државата.
Со ова објава, универзитетската професорка покажа дека ниту помислува да се направи разлика од тоа што претставува актуелниот претседател, кој стана синоним за злоупотреба на институцијата Претседател, а ќе остане запаметен по безброј крајно проблематични изјави и одлуки.
Со оваа порака, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да го признае новото Уставно име, а ризикува да оди и подалеку од Иванов. Ако претседателот во оставка злоупотребуваше дупки во законите, манипулираше и не ги извршуваше задачите кои произлегуваат од највисокиот правен акт, Силјановска најавува и дека ќе ги прегази и главните уставни начела. Новото име, Република Северна Македонија е веќе уставно име и клучот кој ги отвори евроатлантските порти за Македонија. Со непочитување и бришење на ова име, претендентот за иден претседател на државата, го крши Уставот уште подрастично и од самиот Иванов.
Арбен Зеќири