На денешното рочиште за случајот „27 април“ во Основниот суд Скопје 1, се презентираат смс и вибер пораки, како докази за организацијата на нападот во Собранието минатата година, во кое 22-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Од мобилниот телефон на сведокот Сашко Коцевски, вработен во Собрание на Република Македонија, Обвинителството за организиран криминал нашол порака од 12 март 2017 година, од Веска Герговска, која му препраќала порака од извесна Соња.
Пораката гласела: „Јавете се по список и на пасивни и на активни, за утре да излезат“.
Герговска: „Во автобусите на ЈСП за време на протестите од 16 до 19 часот нема да има контроли, може да се возите без билети,, исто така и градски паркинг. Тоа време нема да има контроли и пајаци, можете слободно да се паркирате“. По ова повторно пишува: „Утре 14.03.2017 година, пред музеј на ВМРО, за Македонија се работи“.
Следниот ден Герговска повторно пишува до Коцевски: „Утре во 16 и 40 пред музејот на ВМРО, кандидатите за советници да донесат по 10 луѓе. За Македонија се работи“.
„Утре 21.03.2017 година, во 16 и 40 пред Музејот на ВМРО-ДПМНЕ кандидатите за советници, вработени во училиштата, цела администрација да биде присутна, овие денови ни се најважни. За Македонија се работи“
Таа секој ден му праќала идентични пораки на Коцевски за организација на протестите, а во една од пораките го информира дека зборното место ќе биде пред СЈО.
Таа на 2 април 2017 година му напишала: „Утре доаѓа Туск и многу е битно да сме во огромен број. Пред музеј во 16 и 30, а од Влада се оди во ЕУ“.
Пораката на 10 април 2017 година гласи: „Утре ни е многу важен ден, да излеземе сите против Тиранската платформа. За Македонија се работи“.
Секој ден му испраќала пораки со манипулација за Тиранската платформа, каде се барале нови избори.
На 27 април 2017 година, Герговска му испраќа порака на Коцевски: „Заев имал прес, да бидеме на готовс! Во секој момент може да дадеме насоки“. Потоа ги повикувала на собирање пред музејот на ВМРО.
„Сите членови да доаѓаат пред Собрание. Сега е моментот. Доаѓајте сите!“.
А. П.