Некој сака да дигне прашина, да создаде магла, да ја замати водата или нешто слично. Не можам да замислам друга цел на едно вакво постапување, освен заштита на принципот на неказнивост на високи функционери кои, од позиција на власт, го прекршиле законот.
Ајде да пробаме да ги разделиме работите и да побараме одговор на неколку прашања.
Првото прашање е поврзано со причината за формирање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Ова обвинителство е формирано како паралелна структура на Јавното обвинителство (ЈО) заради тоа што ЈО беше предводено од човек кој очигледно имаше една единствена задача: заштита на високите функционери кои, од позиција на власт, го прекршиле законот. За да се оствари таа цел, ЈО е со години умртвувано, партизирано, корумпирано… СЈО не беше формирано за да го замени ЈО, туку да делува интервентно, во ситуација на големо превривање и да му даде шанси на ЈО да застане на нозе. Оттука и произлегува прашањето: зошто не се случи тоа? Зошто ЈО не застана на нозе и не си ја презеде улогата која треба да ја има според Уставот и законот? Зошто и после смената на Републичкиот јавен обвинител тој не беше повикан да помогне во процесирањето на големиот број случаи? Имено, може да се каже дека формално правниот статус на СЈО, во услови кога проработува ЈО, е само технички модалитет со кој треба да се обезбеди засилен квалитет и/или уште еден механизам за долгорочно справување со организираниот криминал.
Второто прашање е поврзано со криминалите на поранешната власт. Според сите истражувања и посебно извештаите на меѓународните експерти, како неспорен факт, беше истакнато дека во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се направени големи прекршувања на законите од страна на високи функционери во власта. Дел од нив може да се слушнат во телефонските разговори со кои располага СЈО, меѓутоа, голем дел не. Во изминатите 11 години на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот коалиционен партнер ДУИ, направени се голем број измами, крадења, поткуп, коруптивни зделки, противзаконски вработувања и противзаконско располагање со имотот на државата, незаконско финансирање на активности од Скопје 2014, префрлање на пари на сметката на партиите, рекет, убиства, полициски акции во кои се убиени полицајци и цивили, дискриминирачки активности, … И за ниту една од овие активности нема доволно докази за да се формираат обвинителни акти? Во она регуларното ЈО? Па мора да се зафаќаат случаите за кои постои опасност од застарување и да се изигрува законот за СЈО?
Третото прашање е поврзано со политиката и политичарите. Уште на почетокот е направен нелогичен политички договор, според кој огромната маса на случаи кои произлегуваат од прислушуваните разговори ќе биде процесирана во рок од 18 месеци. Овој нелогичен политички договор не е коригиран од страна на Собранието во моментот кога е јасно дека станува збор за навистина огромен број случаи. Нелогичниот договор не е адресиран ни од страна на СЈО кој има можност да селектира врз основа на времето на криминалното дејствие (со цел да се минимизира можноста за застарување), да селектира врз основа на тежината на делото и да селектира врз основа на рангот на функционерот кој е инволвиран во криминалното дејствие.
Четвртото прашање е поврзано со самите прислушувани разговори како доказ во постапките пред судовите. Овие прислушувани разговори воопшто не мора да бидат искористени во постапките како доказ. Тие се индикатор на сторени кривични дела и, едноставно, истрагата треба да открие соодветни докази со кои ќе се потврди индицијата. Тоа значи дека Јавното обвинителство на Република Македонија треба да преземе низа истраги со кои ќе се оформат обвинителни акти за случаите индицирани со овие разговори.
Со други зборови, ајде немој веќе да нѐ замајувате. Криминали има, органи на прогон има, можност за истрага има. Сега е време и за вистинска, а не декларативно искажана политичка волја за прогон на високите функционери во власта кои го прекршиле законот.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.