Комисијата за фолклор, музичко-сценска дејност при Министерството за култура од сите разгледани одбиени проекти ја одобри апликацијата само на фестивалот „Златно славејче“.
„Скопскиот џез фестивал “, „Оф фест“ и „Здраво млади“ остануваат без средства од министерството, бидејќи е констатирана непотполна документација. Доколку министерот за култура одлучи да се почека на дополнување на документите, нивните апликации повтрно ќе бидат разгледани.
Комисијата за драмска дејност ќе чека да заврши средбата на претставниците на одбиените театри и центри за култура со премиерот Заев, по што се надеваат на зедничко решение за сите.
Што се однесува до Комисијата, констатирале како и претходно, дека се одбиени заради непотполна документација. Ќе ги почекаат да достават документи, ако така одлучи министерот Асаф Адеми, па ќе одлучуваат дополнително. А за незадоволните 10 театри и центри за култура, кои очекуваат средба со премиерот Заев, од Комисијата за драмска дејност рекоа дека се отворени да најдат заеднички решенија. Односно, остануваат на нивниот став дека нивната работа е завршена.
Истото се однесува и на Комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн кои нема да прифатат нови апликанти, ниту да ја повлечат одлуката.
Буџетот со кој располагаат трите комисии изнесува околу четири милиони евра. Претходно, по бурните реакции на јавноста, министерот Адеми изјави дека ќе ги реши пропустите со транспарентно и отчетно работење, како и дека сите одлуки за одбиени апликации, ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета.
Листата се дополни само со еден од оштетените апликанти. Вчера, по реакциите во јавноста дека Министерството за култура работи нетранспарентно, излезе соопштение на министерството во кое се вели дека медиумите биле поканети да присуствуваат и да ја следат работата на комисиите.
„Дел од медиумите пренесоа изјави од учесници на конкурсот, без самите апликанти да ги добијат решенијата од Министерството за култура со образложенијата зошто се одбиени. Во однос на исказите на некои апликанти, учесници на конкурсот за меѓународна дејност и наводните превиди на комисијата при евидентирањето на некои материјали (како покана за учество на апликантот), ве известуваме дека Комисијата за меѓународна дејност сè уште не е почната со работа и со разгледување на одбиените проекти. Медиумите, иако имаа можност да го следат целиот процес на работа на стручните комисии, не го сторија тоа, туку испратија прашања до Министерството за култура, а некои не ги објавија одговорите“, соопштија од министерството.
Б. Јордановска