По тридневна расправа во македонското Собрание беа утврдени Нацрт-амандманите со кои ќе се направат измени на Уставот согласно Договорот од Преспа, со што и официјално заврши втората фаза од уставните измени.
По усвојувањето на нацрт-уставните амандмани во Собранието Владата треба да организира тридневна јавна расправа, по што има два дена да подготви извештај и петтиот ден да го достави до Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандамните, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа.
Од Владата велат дека се отворени за сугестии и бараат од сите пратеници да се вклучат во дебатите за амандманите. Премиерот Зоран Заев во саботата на почетокот на дебатата за Нацрт-амандманите рече дека останува отворен за инклузивен процес, додавајќи дека нацрт-амандманите се во согласност со меѓународното право и интересите на Македонија и нејзините перспективи во евроатланските интеграции. Повтори дека амандманите ќе бидат инкорпорирани во Уставот само доколку Грција ја изгласа Спогодбата и даде поддршка за Протоколот за пристапување на Македонија кон НАТО.
Расправата за Нацрт-амандманите помина во знакот на меѓусебните обвинувања на владејачките партии и опозицијата за тоа кој создал поделби во македонското општество, а беа изнесени и ставови „за“ и „против“ промената на името со цел членство во ЕУ и НАТО. Дел од албанските партии како БЕСА и Алијанса за Албанците побараа да се разговара за јазичната рамноправност бидејќи според нив отворањето на уставните измени се добар момент да се разговара за тоа.
Според најавите почетокот на јавната расправа е договорен за утре. Првата расправа ќе се организира во Владата на Република Македонија, па потоа во МАНУ и други институции во Скопје, како и во градовите каде што има универзитети (Штип, Тетово, Битола или Охрид).
Процедурата за донесување на измените на Уставот се очекува да заврши кон средината или крајот на јануари.
М. И.